Изложбата „Линии и бои (интроспекции)“ на Христо Петрески ќе биде отворена во МКЦ, Галерија 2, утревечер во 20 часот.
– Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостојни и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето… – се наведува во најавата.
Христо Петрески активно се занимава и со сликарство и ликовна критика. По свеченото отворање на изложбата, ќе настапат поголем број македонски писатели кои ќе читаат своја родољубива поезија. Петрески досега има излагано свои ликовни дела на повеќе од 20 самостојни ликовни изложби (во Скопје, Радовиш, Битола, Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Штип, Куманово, Прилеп, Охрид, Струга, Демир Хисар, Аранѓеловац, Шибеник…) и има учествувано на три меѓународни ликовни колонии (во Битола, Пелинце и Врањска Бања). Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа“. Меѓународното списание „Диоген про култура“ посвети цел тематски број за ликовното творештво од Христо Петрески.
– Во уметноста одлучувачки фактор е слободата; на уметникот не му требаат совети и предлози, тој самиот доаѓа до сите решенија, па, така, и до нови техники. Тоа откривање е слично на кулинарските вештини – тајната е во малите работи, подобро кажано во – триковите. Необичните слики на Христо – корени – се пример за уметниковиот таен рецепт. Можам да коментирам еден дел од неговите слики, но јас ги преферирам портретите на женските ликови, кои тој ги ставил на пиедестал.

Женските ликови имаат очи на разни делови од телото – тие очи се нивното непостојно оружје што им дава способност истовремено да перципираат слики, дури и звуци што доаѓаат од разни правци. За ова говори психологот Барбара де Ангелис. Како и секој уметник, Христо постојано се сомнева, но не треба да се плаши од критики, бидејки некои критикуваат по инерција или, пак, не критикуваат поради немање храброст да ги вреднуваат туѓите дела. Или едноставно остануваат рамнодушни, но доволно е да забележуваат и коментираат – пишува Невенка Томиќ, преведувачка и критичарка.
Неговите имагинарни портрети всушност се идеализирана слика на трите жени од нашите животи. Во овој случај тоа се бабата, мајката и ќерката или бабата, мајката и внуката. Мажите свесно или несвесно тие три лика ги доживуваат како некој вид себеспознавање или, пак, како идеализирање на поимот – жена!
– Портретите цртежи, според мене, не се скици, туку готови дела. Често се застапени птиците, исто така тие цртежи јас ги гледам како завршени дела, особено кога не се многу колоритни. Преубава е сликата на јато птици, заробени во вител на невреме и така збунети го бараат патот! На поголемиот дел од сликите гледам оптимистички симболи. Доминира ликот што Христо го „обележил“ со разни атрибути на оптимизмот како што се: љубов, радост, цвеќе, мајчинство, пеперутки, срца… И многу обоеност! Ликот доминира и зрачи со внатрешната енергија – пишува Томиќ.