Оваа година се одржува 36. сесија на Ликовната колонија во Галичник, една од најреномираните и најпрогресивни уметнички колонии во регионот. Со јасна ориентација кон современите текови во визуелната уметност, колонијата и понатаму гради платформа за иновативна, интер-/транс-дисциплинарна и концептуална продукција. Темата на изданието за 2025 година е „Постмеморија – одек на тишината“, инспирирана од истражувањата на Мериен Хирш, Алејда Асман, Ролан Барт и В.Г. Зебалд, кои се занимаваат со тоа како трауматичните историски искуства, иако не се директно доживеани, се врежуваат во свеста и идентитетот на наредните генерации. Годинашните учесници ќе ги истражуваат неизговорената меморија, тишината како сведоштво и наследената болка како уметнички материјал, користејќи нови медиуми, архиви, звучни записи, гестови и визуелни фрагменти.
Учесници се: Никола Радосављевиќ (Србија) – видеоуметност, инсталации, Дејан Крстиќ (Србија) – звучна уметност, перформанс, Красимир Терзиев (Бугарија) – дигитална уметност, текст, Калина Димитрова (Бугарија) – фотографија, архивски пристап, Далиа Белосиноф (Грција) – визуелна поезија, инсталации, Мариа Анвандер (Австрија) – концептуални текстуални интервенции, Клара Вит (Австрија) – медиумски инсталации, фотографија, Ренеа Беголи (Косово) – цртеж и предмети на меморија, Лука Соудан (Холандија) – аудиовизуелни композиции, Иванчо Талевски (Македонија) – микс-медија, личен архив, Ана В’цкова (Македонија) – дигитален колаж, фотографија.
Делата создадени на оваа сесија, заедно со продукцијата од претходната 2024 сесија, ќе бидат изложени пред македонската јавност во ноември во Националната галерија – објект „Мала станица“. Изложбата ќе биде придружена со професионално изработен каталог, кој ги документира уметничките процеси и концептите зад проектите.