• Колонијата има хуманитарен карактер, а учесници се Трајче Чатмов, Милан Андов, Слободан Живковски и Боро Арсовски

Во рамките на годинашното, шесто издание на фестивалот „Котон блуз“, ја најавуваме и ликовната колонија како составен дел од програмата веќе трета година по ред.
Имено, станува збор за интеракција на ликовни уметници што сликаат додека музичарите свират. Нотите и топлиот звук на блуз-музиката спонтано пливаат низ линиите, формите и боите на сликарите во еуфоричната атмосфера што ја креира публиката.
– Оваа година со гордост можеме да најавиме неколку еминентни имиња од сликарската сцена што ги зајакнуваат ликовниот стандард и квалитативниот легитимитет. Учесници се Трајче Чатмов, Милан Андов, Слободан Живковски и Боро Арсовски. Истовремено, важно е да се спомне и дека фестивалот и колонијата имаат и хуманитарен карактер, ликовните дела што се производ од колонијата ќе бидат дополнително изложени, а средствата од нивната продажба, како и оние собрани од картите, секоја година се донираат во хуманитарни цели – информираат организаторите.
Овој хуман чин е замисла на д-р Гого Паскалов, инаку главен организатор на настанот. Музичката програма се состои од девет концертни настапи на бендови од домашната сцена, меѓутоа и од САД и Велика Британија, гитарска Работилница и неколку промоции на албуми.
Настанот се одржува во скопскиот бар „Руст“, во два дела. На 21 и 22 ноември настапат квартетот на Игимен, со Ади Имери како специјален гостин, домашниот блуз-бенд „Мол пек“, кој истовремено промовираше албум и проектот „Рене пее блуз“, а свое враќање на фестивалот „Котон блуз“ имаше и Тони Холидеј од САД.
Фестивалот ќе продолжи на 26 и 27 ноември, кога ќе има и побогата програма. За овие денови се планирани концертни промоции на албумите на Александар Пешевски и на „Кросроуд блуз бенд“, како и веќе традиционалната гитарска работилница со Јанис Павеза. Свое место ќе имаат и Елвис и „Ин д муд“, кои ќе се здружат во проект посветен на Џони Кеш.
Главните ѕвезди на годинашниот фестивал се оставени за последната вечер, а како такви се најавени легендарниот британски блуз-музичар Норман Бикер и американскиот гитарист Хамилтон Лумис.