Промоција на „Едно и пол патување“ од Мањола Наси

Промоцијата на стихозбирката „Едно и пол патување“ од современата албанска поетеса Мањола Наси се одржа во галеријата на Младинскиот културен центар Скопје. Книгата ја промовираше Јулијана Величковска. Преводот од албански е на Моника Митрева, а изданието е објавено во едицијата „Гравири“ на „ПНВ публикации“, со поддршка од Националниот центар за книга и читање во Албанија.
‒ „Едно и пол патување“ од современата албанска поетеса Мањола Наси е врвна поезија со зачудувачка зрелост, јасност и моќност, својствени за перата на големите поет(ес)и што го обележуваат нашето постоење. Во овие песни зборовите се „изгореници“ на егзистенцијалниот оган меѓу себството („мостот сум јас, и јас е мостот“) и другиот, меѓу животот и смртта, која, кога пристигнува, ги разбиструва идеите, меѓу глобализираниот човек и осаменото битие, меѓу домот како скршена школка што веќе не те заштитува и општеството поразено од сопственото распаѓање, меѓу минатото кое сме ние и сегашноста во сета своја брутално трагикомична реалност. Стиховите на Мањола Наси се визуелни одрази на заминувањата и враќањата во кои лирскиот субјект, без разлика дали е машки, женски или детски, е толку живо присутен и автентичен што не можеме да не се препознаеме во слоевите време и простор што ги испишува, а од кои се состои и нашиот личен живот. Оваа поезија е иманентно ангажирана, игриво непосредна и хуманистички свесна за светот во себеси, тргнат на едно и пол патување околу себе, за да се спознае и спаси, самиот од себе и, секако, од нас ‒ вели Лидија Димковска.
Мањола Наси (1982) е албанска поетеса и преведувачка од Тирана, добитничка на наградата „Кристал Виленица“ во 2019 г. во Словенија. Била стипендистка на програмата за истакнати истражувачи „Фулбрајт“, докторирала книжевност на Универзитетот во Тирана, каде што и предава од 2008 година. Во 2000 година ја доби Националната награда за поезија од Министерството за образование на Албанија. Авторка е на стихозбирките „Сонет на есента“ (2002) и „Едно и пол патување“ (2018), за која ја освои наградата за најдобра поетска збирка за 2018 година од платформата „Букинист“. Учествувала на многу книжевни настани, фестивали и резиденции, а гостуваше и на „Поетска ноќ во Велестово“ во 2022 година. Освен на албански јазик, избори од нејзините песни се објавени во антологии и литературни списанија на англиски, на италијански, на словенечки, на грчки, на македонски, на српски и на други јазици. Превела низа значајни автори од англиски на албански јазик, а превела и дела од албански автори на англиски јазик.