Летното кино во Скопје 2025 година со филмскиот фестивал „Има ли пустина среде градот?“ почнува денеска и ќе трае до 17 јули во МСУ.
Кустос е Софиа Григоријаду.
Летното кино на МСУ го претставува филмскиот фестивал насловен „Има ли пустина среде градот?“, кој се движи низ урбаните пејзажи и областите на гентрификација што постојано се менуваат, (шпекулативниот) урбанизам, недвижностите и туристичката индустрија во услови на глобален капитализам. Филмовите истражуваат како ваквите феномени ги обликуваат градските пејзажи и им нанесуваат лузни, претворајќи ги градовите во места во кои луѓето се натпреваруваат за просторот. Филмската програма ги спојува нишките што ги поврзуваат висококатниците, постојано растечките трговски центри и хотели, оградите, скелињата, бојата и пукнатините во ѕидовите, фабриките од модерноста и нивните урнатини со животите на оние што се засегнати од урбаните промени и кои учествуваат во нив во Бејрут, Шангај, Перник, Лисабон, Атина, Марсеј, Хаора и на други места.
Избраните филмови се и документарни, секој во различна мера. Тие ја следат „сеизмичката“ гентрификација и туристификација, но и формите на отпор или преживување во градовите што се преобразуваат во огромни преноќишта за посетители. Се занимаваат со осиромашувањето и несигурното вработување во градежништвото и во туризмот, со дискриминацијата, раселувањето и затвореноста во ограничен простор. Внимателно ги испитуваат естетиката и материјалноста на феномените што ги снимаат, преку звук, градски пејзажи и пронајден материјал. Паралелно со процесите и политиките на сеќавање и заборавање во јавните простори, филмовите се осврнуваат и на прекинати, честопати интимни, сеќавања на други места, времиња и луѓе. Кои се секојдневните реалности отаде реториката на напредок, удобност и експанзија? Како глобалниот капитализам ги гради – и ги разградува – градовите во кои живееме? Како ги преобликува урбаните пејзажи, трудот и секојдневниот живот?
Ќе бидат прикажани филмови од Шангај, Атина, Лисабон, Марсеј, Бејрут, Њујорк, Хаора, Перник.