„Браќа Манаки“ во Мрежата на фестивали од Јадранскиот Регион

Пет значајни регионални филмови ќе бидат бесплатно достапни за публиката во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Хрватска и во Словенија. Програмата почнува на 17 јануари во кината, а од 18 до 26 јануари на платформата ondemand.kinomeetingpoint.ba. Станува збор за т.н. Зимско издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот Регион, заеднички проект на водечките регионални филмски фестивали („Сараево филм фестивал“, „Фестивал на авторски филм“ – Белград, „Љубљански меѓународен филмски фестивал“, „Загреб филм фестивал“, „Филмски фестивал Херцег Нови“ и ИФФК „Браќа Манаки“).
Публиката од земјите чии фестивали се членки на мрежата ќе има можност бесплатно да погледне пет регионални наградувани филмови. Дел од програмата ќе бидат „Екскурзија“ на режисерката Уна Гуњак, „М“ на Вардан Тозија, „Набљудување“ на Јанез Бургер, „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ и „Само кога се смеам“ на Вања Јураниќ.
Почетокот на програмата ќе го означат проекциите на филмот „Екскурзија“ на Уна Гуњак во 3Д-киното на Центарот за култура во Битола и во киносалата на Кинотеката во Скопје на 17 јануари во 20 часот. Дејството на филмот ја следи Иман (Асја Зара Лагумџија), која додека нејзиниот клас во деветто одделение се подготвува за екскурзија му го привлекува вниманието на едно постаро момче. По играта вистина и предизвик, низ училиштето се шири гласина дека Иман е бремена. Тоа ќе ја загрози и екскурзијата. Иман се наоѓа во бура од очекувања и ограничувања, предизвикани од настани што се надвор од контрола. Улогите во филмот ги толкуваат: Асја Зара Лагумџија, Наѓа Спахо, Маја Изетбеговиќ, Медиха Муслиовиќ, Изудин Бајровиќ и Мухамед Хаџовиќ. „Екскурзија“ е првиот долгометражен филм на Уна Гуњак, која за филмот „Кокошка“ е наградена на „Сараевскиот филмски фестивал“ со „Срцето на Сараево“ за најдобар краток филм во 2014 година и со наградата на Европската филмска академија за најдобар краток филм.
Еден час пред почетокот на проекцијата во Кинотеката, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на сите досегашни 45 плакати од 45-те изданија на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. По завршувањето на проекцијата во Кинотеката, публиката ќе има можност да поразговара со кинематограферот на филмот „Екскурзија“, Матијас Пилц.

На програмата е и македонскиот филм „М“ на Вардан Тозија, дистописки психолошки трилер за растењето. Во една затскриена шума, младиот Марко живее под будното око на својот презаштитнички настроен и мистериозен татко. Нивното заштитено постоење е сè што тој знае… Во филмот играат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Борис Дамовски, Благој Веселинов…
Во филмот „Работничката класа оди во пеколот“ на Младен Ѓорѓевиќ играат: Тамара Крцуновиќ, Леон Лучев, Силвија Крижан, Иван Ѓорѓевиќ, Лидија Кордиќ, Момо Пиќуриќ, Оливера Викторовиќ, Мирсад Тука Томислав Трифуновиќ, Добрила Стојниќ. Фабриката во која некогаш се вработуваа жители на целиот град и околните села е затворена поради сомнителна приватизација и трагичен инцидент во кој група нејзини работници загинаа во намерно запален пожар…
„Набљудување“ на Јанез Бургер ја следи Лара, специјализантка на итна медицина, која помага да се донесе млад човек во болница по бруталното претепување што било емитувано во живо на Фејсбук. Иако младиот човек е во кома, Лара почнува да добива видеа од неговиот фејсбук-профил на кои се гледаат неидентификувани луѓе како го гледаат тепањето… Улоги: Дијана Коленц, Владимир Влашкалиќ, Бенјамин Крнетиќ, Јуре Хенигман, Наташа Кесер.
„Само кога се насмевнувам“ на Вања Јураниќ е филм инспириран од вистински настан, ја следи Тина, која живее во навидум идиличен брак во град на јадранскиот брег. Таа е домаќинка што се грижи за својата шестгодишна ќерка, додека нејзиниот сопруг Фране заработува за семејството… Во филмот играат Тихана Лазовиќ, Славко Собин, Јасна Ѓуричиќ, Елоди Палека, Марина Реџеповиќ, Надин Мичиќ, Ивана Јерковиќ Вукаловиќ, Глорија Дубељ…
Ова трето Зимско издание на Мрежата на фестивали од Јадранскиот Регион е организирано со цел да ги промовира и да ги направи повидливи квалитетните регионални филмски остварувања, а прво во кое е вклучен ИФФК „Браќа Манаки“ и прво што се одржува и во Македонија. Мрежата е поддржана од потпрограмата МЕДИА на програмата „Креативна Европа на ЕУ“. В.Д.