Во Нирнбершката куќа на филмот меѓународното жири, составено од Дамиен Оунури, Фарахназ Шарифи и Борјана Гаковиќ, ја додели Нирнбершката меѓународна филмска награда за човекови права, во рамките на Нирнбершкиот филмски фестивал за човекови права. Добитничка на наградата е Кумјана Новакова со нејзиниот последен авторски филм „Молкот на разумот“ (2023, 63).
– Едногласно одлучивме да му ја доделиме наградата на филмот, кој претставува и кинематографско и историско дело на правдата. Го трансформира екранот во споменик, каде што невидливото повторно станува видливо и каде што секој фрагмент од сведоштвата станува чин на отпор. Преку прецизна, точна и поетска форма, филмот ги реконструира сведоштвата на босанските жени жртви на систематско силување и сексуално ропство за време на војните во Југославија – жени чии имиња биле избришани, но чии гласови сè уште одекнуваат. Филмот нè потсетува дека признавањето на силувањето како оружје на војната и како злосторство против човештвото дојде преку храброста на овие жени и неуморната работа на оние што ги документирале доказите. И денес, овој филм ја продолжува таа борба. Надно, сакаме да ги поздравиме уметничката извонредност на авторката, прецизноста на нејзиното истражување, јасноста на филмската монтажа, звучниот дизајн што носи и ужас и достоинство и оригиналниот визуелен јазик што наоѓа соодветен начин да го претстави ужасното насилство и да нè соочи со вистината. Овој филм не е само за минатото. Станува збор за нашата колективна одговорност денес, да се сеќаваме, да сведочиме и никогаш да не молчиме, затоа што не можеме да прифатиме дека во војните низ целиот свет, телата на жените продолжуваат да се користат како бојни полиња. Честитки до Кумјана Новакова и до сите што придонесоа за оваа неопходна и храбра работа, истакна жирито на свеченото доделување на наградите.
Од 2001 година Нирнберг е прогласен за град на мирот и човековите права, така славејќи го наследството од Нирнбершките процеси без кои не би биле замисливи Судот за воени злосторства на ОН за поранешна Југославија (1993–2017), Трибуналот на ОН за геноцидот во Руанда (1994–2016) и Меѓународниот кривичен суд во Хаг (од 2002).
Меѓународниот филмски фестивал за човекови права во Нирнберг (NIHRFF) е најголемиот и најважен филмски фестивал за човекови права во Германија. Оваа година Меѓународната натпреварувачка програма на фестивалот, во која беше селектиран и „Молкот на разумот“,вклучи вкупно седум меѓународно признаени авторски филма од целиот свет.
„Молкот на разумот“ на Кумјана Новакова освои повеќе од 25 меѓународни награди, меѓу кои наградите за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најдобар меѓународен филм на „Синема ду реел“ во Париз, гран при на „Пунто де виста“ во Шпанија, најдобар среднометражен филм на „Хотдокс“ во Канада, како и регионални награди во сите земји на поранешна Југославија. Филмот е прикажан на сите светски континенти, односно на повеќе од 50 меѓународни фестивали и културно-уметнички иницијативи.