Александар Јорданоски, директор на Националниот конзерваторски центар
Александар Јорданоски е директор на Националниот конзерваторски центар од Скопје и еден од најистакнатите македонски експерти за заштита на културното наследство. Под негово раководство, Центарот системски ја продлабочува соработката со другите сродни институции и со верските заедници. Тој се залага за практична полза од заштитата на културното наследство во поширок општествен контекст, како и за едукација на нови кадри, нагласувајќи дека конзерваторско-реставраторските процеси не се само техничка работа туку и чин на чување на колективната меморија и идентитет на една држава.
Што ве мотивираше да ја изберете заштитата на културното наследство како животна професија?
– Мојата поврзаност со културното наследство е уште од средното образование. Уште како средношколец осмислив сценарио за постојана поставка за народните носии од Македонија, што беше и моја матурска тема. Понатаму, и мојот магистерски труд „Дијалектите на македонскиот јазик како нематеријално културно наследство – стручно-правни аспекти“ е во насока на системско и сеопфатно осмислување на процесот и целта на заштитата на културното наследство.
Како изгледаа вашите први чекори во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата?
– Започнав како лектор по македонски јазик на Одделот за издавачка дејност, кој во тоа време беше доста развиен и беше престиж еден автор што се занимава со заштитата на културното наследство да биде издаден од таа национална установа. Работејќи интензивно на текстови и публикации од областа на археологијата, историјата на уметноста, историјата, етнологијата, архитектурата, конзервацијата и реставрацијата, правната заштита итн., чија бројка достигнува околу 170 наслови, длабоко навлегов во сите аспекти на оваа благородна област. Речиси сите тие наслови претставуваа драгоцени и капитални изворни податоци за цивилизациската македонска слоевитост.
Кој проект од почетокот на вашата кариера го сметате за пресвртница?
– Во текот на работата во Министерството за култура имав чест административно да ги водам Советот за македонски јазик и Националниот совет за културното наследство, а и да учествувам во повеќе документи од плански карактер, стратегии за заштита и користење на културното наследство, за развој на руралниот туризам, за заштита и унапредување на македонскиот стандарден јазик, за подигнување на нивото на познавање на македонскиот јазик меѓу Македонците што не живеат во Македонија, Законот за заштита на културното наследство и негови подзаконски акти. Но особено се вложив во проектот „Правопис на македонскиот јазик“, кој го внесов како проект во Националната стратегија за развој на културата 2013-2017, а по кражбата на златните предмети од Музејот на Македонија, како системско решение за подигнување на нивото на музејската дејност наметнав да се воспостават два долгорочни проекти што сѐ уште траат: „Воспоставување постојани поставки во националните музеи“ и „Осовременување на депоата во музеите на Македонија“.
Кои се вашите главни приоритети како директор во првите години од мандатот?
– Прв и најважен предуслов се обновата и оспособувањето на стручниот кадар. Носечкиот стручен кадар заминува во пензија во наредните пет-шест години. Моето внимание е насочено кон изборот на кадар што ќе се носи со предизвиците на исклучително динамичниот работен ден, теренска работа, кабинетска обработка на прибраните податоци и непосредна интервенција. Работата на установата се состои во изработка на конзерваторски проекти, на кои им претходи истражувачки процес, и непосредна заштита на објектите и движните предмети во нивен состав. За да има успешна реализација на овие два столба треба да има синхронизираност во изборот на објектот, планирањето и реализацијата на конзерваторско-реставраторските процеси. Во моментов сум фокусиран на обнова на Спомен-домот за Разловечкото востание во селото Разловци, Делчевско, обнова на првото училиште каде што официјално започнала наставата на македонски јазик во селото Подвис, Кичевско, се интензивираа конзерваторско-реставраторските процеси на фрескоживописот во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, во тек е конзервација на украдените икони од Албанија, а на Стариот конак во Лешочкиот манастир веќе се работи со засилено темпо. Во меѓувреме со општината Тетово потпишавме Договор за стручна соработка за обнова на тетовската саат-кула.
Кои се најголемите ризици за македонското културно наследство денес – кражби, занемарување, урбанизација?
– Најголемиот ризик за македонското културно наследство се губењето и стареењето на стручниот кадар и неговото тешко обновување. Во македонскиот образовен систем нема специјализиран сегмент каде што се оспособува готов кадар, кој веднаш би започнал со работа. Оваа професија е и дел занаетска, а за занаетот велат дека се „краде“, не се учи. Оваа професија се случува на терен – таа не е секогаш поврзана со работното време. Во исто време е и привилегија, но и одговорност, а бара и голема посветеност. Овде доаѓаат архитекти, археолози, историчари на уметноста, историчари, сликари, вајари, хемичари, документатори, но целокупниот процес на заштита се учи на самото работно место, друг начин не постои. Колку побрзо ќе се реши овој недостаток толку посоодветно ќе се справиме со кражбите, занемарувањето и урбанизацијата. Заштитата треба да има кој да продолжи да ја работи!
Какво е нивото на стручна подготвеност на кадарот за конзервација и реставрација?
– Нашите најдобри конзерватори на фрески, икони и камена и дрвена пластика воопшто не заостануваат зад светот. Оваа установа во поранешната Југословенска Федерација била расадник на конзерваторски кадар. Забележани се неколку интервенции, како реконструкција на црквата во манастирот „Подластва“ во близината на Будва, Црна Гора; конзервација на дрворезот на кралската палата во Варшава, Полска; дислокација на фреските од манастирот „Пивка“, Црна Гора. Неодамна се одржа втората експертска мисија TAIEX, посветена на современите методи за чистење и конзервација на ѕидното сликарство, а во јули и август се организира специјализирана обука за конзервација на камен под раководство на Сајмон Варак од Италија, реномиран странски експерт за конзервација на камен; во Хвар, Стари Град, се одржа работилница за сувоѕид во рамките на Програмата на УНЕСКО за волонтери за светско наследство, каде што Центарот имаше свој претставник.
Зошто конзерваторско-реставраторските процеси не се само техничка работа, туку се и чин на чување на колективната меморија?
– Зачувувањето на материјалните сведоштва за цивилизациското и културолошкото постоење на македонскиот простор, колку што дозволуваат условите во нивниот автентичен облик, е од исклучително значење за идентитетската стратиграфија на еден народ. На нив се потпираме за нашето создавање и за нашето постоење. Нивното одржување во живот во солидна физичка кондиција не е само исполнување на работното време, тоа е наша генерациска и цивилизациска обврска и должност. Затоа овие професии не се механички, туку длабоко државнички.
Дали јавноста доволно ја разбира важноста на културното наследство?
– Ја разбира, но надлежните установи треба засилено да го наметнат односот кон културното наследство и неговата државна важност, бидејќи овој дел од културното живеење има длабока суштина – културното наследство не е естрада и не трпи импровизации.
Како може културното наследство да им се претстави на младите генерации за да стане дел од нивниот идентитет?
– Преку воведување задолжителни содржини од културното наследство во наставните планови и програми кај децата од раната училишна возраст и задолжителна посета на музеите и локалитетите. Исто така, тесната соработка со сродните средни училишта и факултетите поврзани со културното наследство е неопходна, бидејќи тие се ресурсот од каде што директно ни доаѓа идниот стручен кадар.
Каков е вашиот сон за Националниот конзерваторски центар во наредната деценија?
– Целосно реновирани и опремени конзерваторско-реставраторски хемиски лаборатории и доволен квантитет на оспособен и квалитетен стручен кадар.
Ако треба да оставите една порака за идните генерации конзерватори, која би била таа?
– Бидете трпеливи, смирени и упорни, во оваа професија се брза полека, бидејќи таа не е само работно место, ами и историска одговорност!

































