Втора национална конференција
Тргнувајќи од фактот што културното наследство е суштински елемент на секоја заедница, деканката на Факултетот за туризам и бизнис-логистика – УГД, проф. д-р Татјана Бошков, ја организира и отвори втората национална конференција „Културното наследство меѓу туризмот и идентитетот“.
– Културното наследство ги претставува историјата, традициите и идентитетот на луѓето. Како економистка, ќе потенцирам дека културното наследство обезбедува економска добивка, а неговото зачувување ги штити локалниот и националниот идентитет и гордоста на еден народ. Ги потсетува луѓето на нивната историја и напредок. Една од најзначајните придобивки на културното наследство во подобрувањето на капиталот е неговата способност да привлече туризам. Туристите ги привлекуваат места со уникатно културно наследство, како што се историски знаменитости, музеи, уметнички галерии. Затоа од клучно значење е да се зачува и заштити културното наследство при планирање и спроведување капитални проекти. Се разбира, тука ќе ги посочам институциите за културно наследство, кои играат важна улога во зачувувањето и обезбедувањето пристап до материјалите од културното наследство, а дигитализирањето на овие збирки станува суштинска задача во исполнувањето на оваа функција – рече Бошков на настанот.
Во оваа насока важно е да се фокусираме на спроведување проекти што се директно поврзани со културниот туризам и културното наследство, кои покрај економската добивка, ги штитат локалниот и националниот идентитет и гордоста на еден народ.
– Имено, неминовен е придонесот на спроведување проекти што се директно поврзани со културниот туризам и културното наследство токму поради две причини – од една страна се зајакнуваат учеството и мобилизацијата на граѓаните и локалните заедници во решавањето на локалните проблеми, а од друга се поддржува екопријателскиот и социоекономскиот развој, кој ќе генерира зелени можности за работа. Реализацијата на вакви проекти за мала и отворена економија како Македонија е особено важна за подобрување, зачувување и заштита на локалитетите, практикување модерна градежна инфраструктура, конзерваторски и реставраторски работи, инсталирање современа опрема итн., поттикнувајќи, на тој начин, технолошко знаење и создавање нови можности за работа и справување со невработеноста. Да не заборавиме, предуслов за зголемување на можностите за работа во туристичкиот сектор е да се зголеми атрактивноста на главните културни и природни места со помош на прекуграничните соработки. Локалитетите имаат потенцијал да бидат регионални атракции и да го зголемат бројот на посетители во регионот и во околните области. Практично, овде може да се вклучат локалните претпријатија што работат во културниот, историскиот, еногастрономскиот и природниот туризам. Затоа сметам дека потенцијалот да се привлечат туристи е нешто што може да се направи со мал напор бидејќи природното богатство веќе е дадено, а да се добијат одлични економски, социјални и здравствени бенефиции. Следствено, позитивните економски ефекти на туризмот со културното наследство во локалниот контекст зависат од степенот на вклученост на локалната заедница, нејзината отвореност за сместување или обезбедување туристички услуги и степенот на неговата дозвола да го користи наследството не само како камен-темелник на локалното население туку и како туристичка атракција – потенцира во својот говор проф. д-р Татјана Бошков.
Според неа, факт е дека одржливиот развој на туризмот бара информирано учество на сите релевантни чинители, како и силно политичко лидерство за да се обезбедат широко учество и градење консензус.
– Ова го потенцирам од едноставна причина, а тоа е дека постигнувањето одржлив туризам е континуиран процес и бара постојано следење на влијанијата, воведување на потребните превентивни и/или корективни мерки секогаш кога е потребно. Имено, одржливиот туризам треба да одржува високо ниво на туристичко задоволство и да обезбеди значајно искуство за туристите, подигајќи ја нивната свест за прашањата за одржливост и промовирајќи одржливи туристички практики меѓу нив – додаде професорката.
Во делот „Културното наследство – столб на туризмот, традицијата и идентитетот“ свои видувања изнесоа Владимир Јаневски, Силвана Блажевска, в.д. директор на НУ Стоби, Нада Јурукова, Анче Илиевска, в.д. директор на Музејот на македонската борба за самостојност. Во панел-сесијата „Промовирање на културното наследство како генератор за одржлив туризам, културен и национален идентитет“ главен говорник и панел-модератор беше Христина Серафимовска, директорка на Агенцијата за квалитет во високото образование, која заедно со Наташа Митева, Душица Попова, Никола В. Димитров, Александар Јордановски и Небојша Вуковиќ реализира плодна дискусија и размена на мислења за значењето на успешната промоција на културното наследство за Македонија.