Две изложби на „Илинденски денови“ – Битола

„Културен код – мојот моден отисок“ е мала, но значајна модна приказна, родена од љубовта кон традицијата и стремежот таа да продолжи да живее – со нов израз и нов ритам – во секојдневниот живот. Зад овој проект стојат четири жени – три професорки и една продуцентка (секоја со различна професионална ориентација, но со љубов кон естетиката), дизајнерки, соработнички и пријателки поврзани преку иницијативата „Креативен ден“, со што го продолжуваат нивниот заеднички пат во соработка со Центарот за култура – Битола, во рамките на фестивалот „Илинденски денови“.
Промоцијата на проектот „Културен код – мојот моден отисок“, со кој започнаа годинашните фестивалски денови, а чии носители се Ема Ќука, Анита Стефановска, Живка Танушевска Ицановска и Весна Божиловиќ, природно се најде и беше поддржана на Центарот за култура – Битола. Секогаш тесно поврзани со својата родна земја и роден крај, македонскиот народ живеел низ векови традиција, пренесувана од генерација на генерација, создавајќи со тоа исклучително ретка и многу богата материјална и духовна култура. Вистинскиот фолклор не може да се купи или да се продаде, туку мора да се научи преку труд, пот, солзи, а понекогаш дури и крв. Македонците обрнувале посебно внимание на дизајнот и декорацијата на нивната облека, правејќи ги националните носии и накитот најизразни и најмногубројни примери на традиционалната македонска креативност. Сето ова е историско наследство на кое Македонија е горда. Проектот „Културен код – мојот моден отисок“ е резултат на креативна енергија, истражување и љубов кон македонската култура и фолклорно наследство од кое е длабоко инспириран, од вчера за денес, од денес за утре, слободно интерпретирајќи го годинашниов слоган на „Илинденски денови“.
– Водени од народните симболи, везови, линии и бои што живеат низ вековите, подготвивме уникатни креации: фустани, торби, обетки и додатоци кои ја носат пораката – „Традицијата не е минато, таа е инспирација“. Секој елемент во колекцијата е внимателно избран – не само за да потсети, туку за да повика: на гордост, женственост, автентичност и припадност. Ова не е е само облека. Ова е отпечаток на културата, пренесен со љубов, од рацете на жените што ја знаат нејзината сила – велат носителките на проектот.
„Културен код – мојот моден отисок“ не е само изложба на производи тој е платформа преку која се негува македонскиот идентитет. Во секое парче е втиснат личниот моден отпечаток на дизајнерките. Тоа е преку боја, текстура и форма, оставајќи трага што се памети. Изложбата е претставена во Центарот за култура – Битола.
Во Офицерски дом – Битола во свечената сала во рамките на фестивалот, пак, беше претставена изложбата на фотографии Илинденски денови 1973-1983 – Фотоспоменар на Атанас Нашоку–Саку.

– Човекот како хомо сапиенс живеел создавајќи или создавал живеејќи. Врвните вредности на вековното творештво низ природна селекција си го најдоа патот до денешнината. Фестивалот „Илинденски денови“ низ 55-годишното креативно егзистирање создаде сцена на која духовните и материјалните вредности автентично се реактуализираат од страна на луѓето што го посветиле својот живот на чување, негување и афирмација на традицијата. Атанас Нашоку-Саку низ калеидоскопот на сопствениот талент, стручност и уникатно чувство на истакнување на вредносната убавина со својот фотоапарат создаде фотоспоменар за едно време за љубовта кон традицијата, за стремежот за вечен тек на уметноста расцутена во традицијата – вели Валентин Соклевски.
Фотографиите на Атанас Нашоку-Саку не можат да се наречат продукција на времето кога го овековечувал мигот на живата или мртвата природа, туку тие се уметнички фотографии полни со уметничка бескомпромисност, шарм и оригиналност.
Од денес, па сѐ до 31 јули – предвечерието на Илинден – големиот празник на македонскиот народ, Битола и битолчани се домаќини на 70 фестивалски настани: промоции, изложби, семинари, карвани, улични настапи и концерти, четвртото издание на Интернационалниот етнографски филмски фестивал и на републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“, кој од 2017 година е единствен фестивал од нашата земја што се стекна со сертификат за интернационален фестивал и е дел од големото семејство на фолклорни фестивали на ЦИОФФ (Меѓународниот совет на организации на фолклорни фестивали и народни уметности). Околу фестивалот се извезени сите овие настани, на кои се очекуваат над 1.300 учесници, 30 ансамбли од Македонија, како и гости од Швајцарија, Индонезија, Мексико, Грузија, Полска и од Хрватска. А публиката е од целиот свет.

Тони Гламчевски