Во кафе-книжарницата „Буква“, здружението за афирмација на младинската култура „Култура бета“ го прослави својот петти роденден. Настанот започна во 21 часот со поетско-музичкиот и визуелен настан „Сеопшт џем“. Во рамките на настанот настапија младите поети и поетеси Ива Петреска, Ивана Јовановска, Виктор Бучковски, Методија Тасевски и Јасна Тркова, кои ќе читаат поезија во придружба на музичарите од новата генерација Дарио Циевски, Мартин Џорлев, Борјан Гаговски, Дарко Јованов и Ана Томашич. Настанот е замислен така што во секој момент од настапот на поетите и музичарите може да им се приклучи и секој од публиката бидејќи, како што велат од „Култура бета“, ова е настан од заедницата за заедницата.
Во текот на вечерта беше поставен и голем колаж, кои присутните можеа да го дополнуваат, доцртуваат, допишуваат.
„Култура бета“, најпрво како неформална, а потоа и како формална организација, постои и работи во сите полиња на културата веќе пет години. Покрај електронските платформи на кои објавуваат поезија, проза, музика, интервјуа, рецензии на филмови, книги и изложби, тие дејствуваат и во полето на организација на културни настани (поетски читања, промоции, разговори со уметници, изложби, концерти) меѓу кои и веќе препознатливите „Поетска епизода“, „Клинци“ и „Ре-култура“. Главна цел на колективот за овие пет години е создавање простор за промоција, афирмација и запознавање на творештвото на младите македонски уметници.
Роденденот на „Култура бета“ се прославува под мотото „Ослободи ја младинската култура“ и токму затоа овој настан беше отворен за целата публика, за сите уметници и секој можеше директно да учествува во него. По „Сеопштиот џем“ следуваше диџеј-сет на Макс и Тео.