Изложбата „Куќа на порцеланот“ на Филип Фидановски ќе биде отворена денеска, во 20 часот, во фоајето на театарот „Џинот“ во Велес.
Изложбата се реализира во соработка со Народниот музеј во Велес и НУ Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а е поддржана од Министерството за култура и туризам и други спонзори.
На изложбата ќе бидат претставени скулптури и инсталации во простор.
– Во контекст на современата македонска уметничка сцена, „Куќа на порцеланот“ е редок пример на естетска реконекција со индустриското минато и сензибилен коментар за сегашноста. Фидановски создава современа митологија каде што фабриката станува метафора за дом, трудот за поезија, а предметот за сведоштво. Неговите дела, обликувани од тишината на минатото, зрачат со ново значење, отворајќи дијалог меѓу меморијата, материјата и светлината. Со оваа изложба, Фидановски го позиционира порцеланот како концептуален медиум на културно сеќавање – простор каде што документот и сонот се спојуваат во единствена визуелна мисла. „Куќа на порцеланот“ станува алегорија на создавањето: чин на оживување на формата и чин на почит кон луѓето, местата и времето што ја обликувале нашата културна топографија – пишува кураторката Јасминка Намичева.
Филип Фидановски е современ уметник, керамичар со повеќе од три децении активна работа во областа на уметноста, образованието и културниот развој. Живее и работи во Скопје.
Неговиот интерес кон керамиката и визуелните уметности се појавил уште во младоста. Во 1996 година дипломирал како ликовен техничар за керамика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а потоа студирал на Националната уметничка академија во Софија, Бугарија. Под менторство на проф. Красимир Џидров, дипломирал во 2002 година како керамичар и професор по уметност, а во 2004 година магистрирал на истата катедра.
Неговата професионална кариера е богата и разновидна.
За својата работа има добиено голем број награди, меѓу кои: наградата за скулптура на ДЛУМ (2018), „Константин Мазев“ за мал формат (2018), „Димо Тодоровски“ за скулптура во мал формат (2015), „Јордан Грабул“ за скулптура (2007) и бронзената плакета на Интернационалното биенале за керамика во Каиро (2000).
Делата на Фидановски се претставени на повеќе од триесет самостојни изложби во Македонија и во странство – во Скопје, Велес, Белград, Пула, Вараждин, Прага, Братислава, Софија – како и на голем број групни и жирирани изложби, меѓу кои Биеналето во Белград и поставки во Каиро, Лиеж, Париз ,Прага и Братислава. Редовно учествува на интернационални уметнички колонии и симпозиуми.