Речиси истовремено, угледниот хрватски портал „Трис“ и нашето реномирано списание „Стремеж“ во својот јубилеен број го објавија критичкиот осврт на професорката Лидија Капушевска-Дракулевска кон македонскиот роман „Заборав“.
Романот „Заборав“ е најновата книга на писателот Томислав Османли што во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје беше објавена кон крајот на минатата година. Својата промоција романот ја доживеа на Деновите на македонската култура, една веќе традиционална манифестација, која во организација на невладината организација Хрватско-македонска тангента се случи пред три месеци во Шибеник. Во таа пригода, во репрезентативниот простор на градската библиотека „Јурај Шижгориќ“, романот го промовираше нашата истакната компаратистка, теоретичарка и литературна критичарка, професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Аналитичкиот исказ на македонската книжевна теоретичарка и фрагментите од романот „Заборав“, кои на хрватски јазик ги читаше поетот, новинар и водител Никола Урукало, ги проследија голем број присутни, меѓу кои и поранешниот претседател на Република Хрватска Иво Јосиповиќ и македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи.
Опсежниот аналитички осврт кон романот „Заборав“ сега, на хрватски и на македонски, е објавен во двете гласила.
Професорката Капушевска во својот исказ истакнува дека станува збор за роман што говори за феноменот на заборавот и како индивидуален медицински феномен, но и како дијагноза за омасовената социјална патологија на нашево време. Темите на меморијата и на заборавот авторката ги илустрира со голем број уметнички и книжевно-теориски компаративи: од Платон, Шилер, Џорџ Орвел, Реј Бредбери, Умберто Еко, Георги Господинов, како и кај теоретичарите Томас Карлајл, Клаус Улрих и Манфред Остен. Таа дава и голем број конкретни илустрации на интертекстуалноста и мултикултурноста како својства на најновата, постмодернистичка книга на македонскиот автор. Според неа, романот на Османли е и документ и метафора за севкупната идеја и феноменологија на заборавот и неговата актуелност е несомнена. Покрај длабокиот хуманизам, кој провејува на секоја страница, остава впечаток дека и сите лица на самиот автор се испреплетени во рувото на овој роман: талентот за раскажување приказни автентично и луцидно, емотивно, топло и трогателно, но не сентиментално и патетично; драматичноста манифестирана во дејството и во дијалозите на ликовите, несомнениот сенс за филмот и другите уметнички медиуми…, што ќе рече дека романот „Заборав“ е синтеза на многустраните интереси, таленти и умеења на Томислав Османли.