Директорот на Австрискиот културен форум во Њујорк во МСУ-Скопје
Кристоф Тун-Хоенштајн, директорот на Австрискиот културен форум во Њујорк (1999-2007 год.) и генерален директор за меѓународни културни односи при австриското Министерство за надворешни работи (2022-2025 година), ќе одржи предавање в понеделник (28 април), со почеток во 19 часот, во МСУ-Скопје. Музејот на современата уметност – Скопје, во рамките на Интердисциплинарната програма, продолжува со серијата предавања. Предавањето на Тун-Хоенштајн е на темата „Регенеративна уметност во зачетокот на вештачката суперинтелигенција“.
Во својата долгорочна десетгодишна прогноза, извештајот за глобални ризици за 2025 година ги наведува најсериозните закани денес 1) екстремните временски услови 2) губењето на биодиверзитетот и колапс на екосистемите 3) критичната промени на Земјините системи 4) намалувањето и недостигот од природни ресурси. На петтото и шестото место се рангирани дезинформациите и штетните последици од технологиите на вештачката интелигенција. Пол Хокен, американскиот активист за климатски промени и регенерација, ќе изјави: „Ние или ја крадеме иднината или ја лекуваме иднината. Суштината на регенерацијата е да ѝ вратиме на Земјата повеќе отколку што земаме од неа, да бидеме во хармонија со неа“.
– Уметноста е слободна, но тоа не ја ослободува од одговорноста. Како заедница, не очекуваме само критички осврт на климатската криза, биодиверзитетот и еколошките дистопии; она што навистина е потребно е уметничка имагинација – визија што ќе нè инспирира како би изгледал еден регенеративен свет и како да стигнеме таму. Додека вештачката генеративна интелигенција (АГИ) и идната суперинтелигенција сè повеќе го обликуваат нашето секојдневие, се потпираме на уметничката интелигенција да нè води во односот со технологијата и да го прикаже нејзиниот потенцијал за создавање регенеративна иднина. Основата за ова е ново поимање на достоинството – кое ги вклучува не само луѓето туку и природата и нејзините видови, како и интелигентните „машински строеви“. Се надеваме дека уметноста ќе стане движечка сила на новата доба на регенерацијата – неисцрпен извор на севкупната обнова – вели Кристоф Тун-Хоенштајн, автор и куратор што работи на пресекот на ликовната уметност, медиумите, дизајнот, архитектурата, како и на теми поврзани со екологијата, климатските промени, регенерацијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција.
Откако студирал право, политички науки и историја на уметноста на Универзитетот во Виена, Тун-Хоенштајн започнал кариера во австриското Министерство за надворешни работи, работeјќи во Абиџан, Женева и во Бон. Од 1999 до 2007 година бил директор на Австрискиот културен форум во Њујорк. Во периодот од 2022 до 2025 година ја извршувал функцијата генерален директор за меѓународни односи во културата во истото министерство. Помеѓу 2007-2011 година, Тун-Хоенштајн бил генерален директор на Креативната агенција на градот Виена. Во периодот од 2011 до 2021 година ја извршувал функцијата генерален и уметнички директор на МАК – Австрискиот музеј за применета уметност во Виена. Тој е основоположник на Виенското биенале за промени, кое го курираше од 2014 до 2022 година. Исто така го иницира Виенско биенале за климатски промени, кое за првпат
се одржа во 2024 година. Во 2024 година, Тун-Хоенштајн ја објави книгата „Климатска резонанца: Преобликување на нашиот живот и на економската култура“. Неговата актуелна работа се фокусира на достоинството на природата, интелигентните „машински ентитети“, како и на холистичката регенерација и регенеративните уметности во зачетокот на вештачката суперинтелигенција.
В.Д.