Дарко Аницин
Дарко Аницин е уметник што досега има реализирано неколку самостојни изложби. Пандемијата и изолацијата особено ја предизвикаа неговата креативност. Како член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, со своето акрилно дело „Личен печат“ беше дел и од јубилејната изложба во која учествуваа 292 уметника и со која се одбележа 75-годишнината од постоењето на Друштвото.
„Личен печат“, „Авторефлексија низ игра“, „Црно шарено“, „Предоживување низ музиката“, „Виножито на радоста“ се насловени вашите изложби во последниве две години. Како пандемијата предизвика таква уметничка хиперпродукција?
– Неколкупати досега кажав дека седењето дома, мислам на она задолжителното, го користев сосема креативно, направив многу нови дела/концепти, едноставно беше „плодна“. Претходната година имав и две изложби. Среќен сум поради тоа. Драго ми е што научивме да живееме со „натрапникот“, исто така што и оној период или обид уметноста да комуницира онлајн е веќе зад нас. Зборуваме за уметност, сетила, емоции, размена на чувства, енергии. Уметност наспроти „аеросоли“, „зум-забава“, „локдаун“, „ковид“ и „пандемија“…
Во вашата последна изложба „Виножито на радоста“ направивте спој на уметноста и музиката. Какви внатрешни микросветови овој пат рефлектиравте на акрил-хартија?
– „Виножито на радоста“ е мојата последна изложба за оваа година, реализирана на алтернативниот простор, надвор од салонот на „Галерија Ко-Ра“, пред објектот на домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје. Како и претходните изложби, така и оваа е интерактивна и мултимедијална, бидејќи секогаш правам спој помеѓу ликовната уметност, музиката и другите медиуми што ги користам како средства за дообјаснување на мојата замисла. Па, така, на самата изложба можеше да се видат ликовните дела, паралелно да се слушаат музички дела од класичната музика до реге-музиката, а наедно да се погледне и видеопродукција на делата. Моите дела ги издишуваат моите чувства, внатрешни микросветови: „За радоста и маката“, Страст“, „Двојно среќен“, „Емоционална математика“, „Сега сум среќен“, „Криза на среќата“… се само дел од насловите на делата од оваа изложба.
Ја реализиравте изложбата на еден атипичен начин. Преку јавен повик ги повикавте луѓето да испратат боја по нивни избор што во одредена ситуација им помага да се справат со стресот. Каков одзив имаше повикот?
– Преку јавен повик објавен на социјални мрежи се впуштив во еден вид истражување во однос на тоа како бојата влијае кај луѓето, која боја побудува радост, среќа, позитивни чувства и вибрации, а јас преку бојата и пигментот да ги пренесам на хартија и да ги рефлектирам своите чувства, копнежи, стремежи и желби. Виножитото, божилак, ѕуница или божило, се состои од седум бои. Тоа се боите: црвена, портокалова, жолта, зелена, сина и виолетова. Виножитото обично се појавува по дожд. Тој феномен најсилно ме инспирираше.
Слично како и сетилата за мирис и вкус, така и бојата ни овозможува да го разбереме светот околу нас. Светот е полн со светлина.
Какви реакции предизвикавте со изложбата?
– Интеракцијата со публиката ми е предизвик, некако како да не можам без комуникација со публиката, како да не можам да не се консултирам со испитаниците/публиката, како да сакам да ги истражувам психолошките состојби, а наедно и да се „разголам“ и да покажам како јас се справувам во одредени ситуации. Па, оттука е поривот за провокација, а во согласност со тоа и добиен фидбек. Задоволен сум од интересот на публиката за темите досега, исто така за пројавениот интерес за тоа до каде сум со реализација на делата, како и за тоа дали ми помогнале со нивните реакции и одговори на јавните повици. Чекаат да видат дали нивното учество е одобрено/одбрано и во согласност со тоа бараат да го видат ликовното дело.
Ако уметноста е вид терапија, како лекуваат вашите дела?
– Креативниот процес што е составен дел од уметничкото самоизразување ми помага да ги решам конфликтите и проблемите, да ги развијам интерперсоналните вештини, да управувам со однесувањето, да го намалам стресот, да ги зголемам самодовербата и самосвеста. Не случајно арт-терапијата е еден вид техника вкоренета во идејата дека креативното изразување може да поттикне исцелување и ментална благосостојба. Сѐ почесто луѓето ја користат уметноста како експресивен медиум за надминување на стресот и истражување различни аспекти на својата личност.
Ги сакате природата и планините. Како таа енергија се рефлектира врз вашата уметност?
– За природата, планините можам бесконечно да говорам, пишувам, скицирам, да ги пренесувам моите импресии, впечатоци, за длабоките воздишки, за пејзажите, за зависноста од сето тоа заедно, за исцелителната моќ. Несебично ги споделувам моите впечатоци од планинарењето со сите што се околу мене, надевајќи се дека ќе ги „заразам со тој вирус“. Природата и, воопштено, физичката активност се мојот избор, затоа што освен физичката здравост добивате и психичка релаксираност, која сѐ помалку ја имаме во секојдневието. Секое ново планинарење за мене е нова тема, проект, изложба.