Краткиот документарен филм во развој „Земја“ (Soil) е селектиран за
учество на престижниот „Шорт филм форум“ во рамките на 24-то издание на „ДокуФест“, кој ќе се одржи од 1 до 9 август 2025 година во Призрен, Косово.
„ДокуФест“ е еден од најголемите и најреномирани фестивали за документарен и краткометражен филм во регионот на Југоисточна Европа, познат по својата внимателна селекција, иновативна програма и поддршка на млади автори и независна продукција.
Проектот „Земја“ ќе учествува на „Шорт филм форум“, кој ќе се одржи од 4 до 6 август 2025, каде што ќе биде претставен на сесија за презентирање пред меѓународен панел составен од филмски професионалци, продуценти, фестивалски селектори и дистрибутери. Ова е важен чекор во развојот на филмот, со цел добивање финансиска, продукциска и фестивалска поддршка.
„Земја“ е во режија на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов, а во продукција на „Опиум филм“. „Земја“ е метафоричен визуелен приказ на животот на 400 деца, кои живеат и се школуваат покрај токсичен отпад од 15 илјади тони арсен. Селекцијата на „Земја“ претставува значајно признание за македонската документарна продукција и уште една можност за афирмација на домашните автори на меѓународната сцена.