Косовскиот филм „Улиште“, дебито на режисерката Блерта Башоли, во кој и Македонија е копродуцент, влезе во потесниот избор од 15 филма, од кои ќе се изберат пет за номинација за „оскар“ во категоријата најдобар меѓународен филм. Американската филмска академија ја објави прелиминарната листа во 10 категории, меѓу кои и за најдобар документарец и анимиран филм.
„Улиште“ е копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија. Филмот е за жена од Косово чиј сопруг исчезнал во косовската војна и која се бори против патријархалното општество за да ја одржи својата фирма. Македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“ и продуцентите Кристијан Буровски и Томи Салковски, а беше поддржан од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2017 со 3.000.000 денари (околу 50.000 евра). „Улиште“ во февруари освои три награди на фестивалот „Санденс“, најголемиот за независен авторски филм во САД.
Македонскиот кандидат за „оскар“, „Сестри“, не влезе во прелиминарниот избор. На прелиминарната листа од 15 филма во категоријата најдобар меѓународен филм се и австрискиот „Голема слобода“, „Игралиште“ од Белгија, „Лунана: Јак во училница“ од Бутан, „Бегство“ од Данска, кој е и на листата за најдобар документарец, „Купе бр. 6“ од Финска, „Јас сум твојот човек“ од Германија, „Јагне“ од Исланд, „Херој“ од Иран, „Божја рака“ на Паоло Сорентино од Италија, „Вози ми ја колата“ од Јапонија, „Молитви за украдените“ од Мексико, „Најлошиот човек на светот“ од Норвешка, „Катедралата Плаза“ од Панама и „Добар шеф“ од Шпанија.
Номинациите за „оскар“ ќе бидат објавени на 8 февруари, а доделувањето е на 27 март.