Изложбата на Васил Василев насловена „Континуитет како метафора 1967–2012/2012–2025“ е поставена во објектот Даутпашин амам.
Скулпторскиот опус на Васил Василев е еден континуум на темелни, истрајни и инвентивни истражувања. И покрај тоа што неговиот развоен пат се движеше од конкретни фигуративни облици до сведување на фигурата на знак, основните параметри не се променија, како и односот кон објектот. Без оглед на одредени стилски поместувања во ракописот, зависни и од матрицата на непосредни или посредни инспиративни доживувања, неговиот ликовен опус дозволува да се дефинира низ варијациите што се одвиваа внатре во една усвоена и со време доградувана и надградувана ликовна синтакса.
– Асоцијативните вертикали, дел од последниот циклус на Василев, се резиме на сите атрибути на неговото обликовно размислување, преведени и пренесени со минимални формални содржини, со концентрирање на оние круцијални севкупности на негово дело: конкавни и конвексни, мазни и рапави, темни и светли површини, содржини на растот на нивното вертикално градење, наизменично сменување, мултиплицирање, до затворање во рамка. Рамката е начин на потенцирање, истакнување, но и смирување на разиграната, ритмична обликовна, структурална шема во јадрото, онаа слична постапка што се јавува уште во неговите дела од 1980-тите години (Ритам, 1983), сега со еден позатворен статички ритам и посимплифицирана форма. Значи, ликовната структура на делата на уметникот од почетокот на 1970-тите години континуирано се движи до неговите најнови остварувања. Во нив се содржани и цртежот и релјефот, архитектонското редење на тогаш понагласени волумени, како и пиктуралните примеси (главно во згаснати тоналитети со патина на дрвото) – пишува Викторија Васева Димеска, историчарка на уметност.
Развивајќи ги можностите на новите изразни форми во контекст на неговиот однос кон материјалот и начинот на неговата транспозиција, во најновите дела, Василев остварува еден особен вид на ликовен израз, кој неоспорно комуницира и со неговите претходни творечки фази, сега базиран врз позгусната коегзистенција на линијата, на понагласени колористички сегменти, на шематичноста на линеaрните, релјефните и колористичките ритмички стилизации, дополнува таа.
– Овие испреплетени облици, прецизно градени, напластени дрвени форми, во нивната сложена разновидност, во варијабилната низа на асоцијации (од чисти геометриски до асоцијативни флорални мотиви), во себе носат карактеристики на едно медитативно и наместа ирационално расположение што го емитуваат неговите спонтани игри на архитектонски градените асоцијативни вертикали – посочува Викторија Васева Димеска.
Васил Василев е роден во 1938 година во Скопjе. Академиjа за ликовни уметности запишал во Љубљана (Словенија), во класата на проф. Борис Калин и проф. Драго Тршар. Студиите ги продолжил во Белград (Србиjа), каде што и дипломирал во 1965 година на Академијата за ликовни уметности, во класата на проф. Jован Кратохвил. Член е на ДЛУМ од 1966 година. Остварил студиски патувања во Италија, Франција, Германија, Грција, Бразил, Египет, Кина, САД…
Куратор на изложбата е Викторија Васева Димеска, организатори се Маја Неделкоска Брзанова, кустос-советничка, и Александра Зиновски Вилиќ, кустос.































