Отворен е конкурс за изработка на мурал на фасадата на културниот центар „Јадро“, со што продолжува иницијативата за изработка на темпорални мурали што ќе бидат изработувани на фасадата на центарот преку кои ќе се промовира уметноста во јавен простор, а менувањето на изгледот на фасадата ќе го истакне и промовира отворениот модел на институцијата како простор во кој постои плуралност на идеи и изрази.
– „Јадро“ е прв пример на модел на јавно-цивилно партнерство во земјава преку кој сакаме да покажеме дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и поврзување. Оваа институција претставува пример на концепт за создавање професионална креативна заедница. Ваквиот вид установи на нов начин им пристапуваат на просторот и на начинот на неговото управување, користење и програмско осмислување, разноликост и инклузивност. Тематски конкурсот е отворен, а идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат основните начела/цели врз кои се темели центарот – велат од „Јадро“.
На конкурсот право на учество имаат сите уметници што се државјани или резиденти во Македонија. Уметниците можат да се пријават индивидуално или како групи/колективи. Обезбедени се средства за материјали за изработка на муралот, како и авторски хонорар. Димензиите на ѕидот се 14х3,5 метри. Планиран период за изработка на муралот е периодот од 5 до 26 септември. За изборот ќе одлучува комисија составена од истакнати професионалци од областа на културата. Авторите треба да приложат скици за муралот, краток опис за концептот и кратка биографија, најдоцна до 2 септември.