На свеченото отворање со свои реферати се претставија Станислава-Сташа Тофоска и Елена Петроска (УКИМ), на темата „Придонесот на Зузана Тополињска за македонската лингвистика“, и беше отворена изложба „Полски филмски плакат“ на Филолошкиот факултет
На 4-5 октомври во просториите на Филолошкиот факултет се одржува 12. Меѓународна македонско-полска научна конференција по повод 65 години од основањето на македонската полонистика. Конференцијата е во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Филолошки факултет „Блаже Конески“.
На свеченото отворање со свои реферати се претставија Станислава-Сташа Тофоска и Елена Петроска (УКИМ), на темата „Придонесот на Зузана Тополињска за македонската лингвистика“, и беше отворена изложба на полски филмски плакати на Филолошкиот факултет. Марјан Марковиќ (УКИМ) зборуваше за етимолошката и семантичка анализа на називите за ТВОР во македонските дијалекти (според материјалите на Општословенскиот лингвистички атлас), а Лилјана Митковска, Елени Бужаровска и Лидија Танушевска (ФОН, УКИМ) за дискурсниот маркер НЕЛИ во македонскиот јазик во споредба со неговите преводни еквиваленти во полскиот јазик. Мери Јосифовска (Институт за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“) имаше излагање на темата „Македонскиот наспроти полскиот презименски систем“, Димитар Пандев (УКИМ) на темата „Конески во Полска“, а Лидија Капушевска-Дракулевска (УКИМ) за „Рецепцијата на полската поезија во македонската книжевна средина“. Владимир Боцев (Музеј на Македонија) зборуваше за соработката на Музејот на Македонија со полски институции од областа на образованието и културата.
Денеска излагања ќе имаат Бојан Петревски (УКИМ) – „Јукстапонираните дел-реченици во македонскиот превод на Фердидурке од Витолд Гомбрович“; Ангелина Панчевска, Соња Миленковска (МАНУ) – „Македонските и полските заменки со неопределена референција“, Давор Јанкулоски (МАНУ) – „Јазичните особености на весникот ’Демократ’ – гласило на македонската емиграција во Полска“; Славица Србиновска (УКИМ) – „Етика, нарација, адаптација и рецепција: Декалог од Кшиштоф Кешловски и македонската културна реалност“; Јасминка Делова-Силјанова (УКИМ) – „Рецепција на полската книжевна репортажа во Македонија“; Весна Мојсова-Чепишевска (УКИМ) – „Соочување со самата себе (преку книгите на Кица Колбе и Дионисиос Стурис)“ и др.
Свеченото затворање на конференцијата е денеска со авторска средба со Дионисиос Стурис, авторот на книгата „Нов живот. Како Полјаците им помогнаа на бегалците од Грција“, и со изведба на полска музика во „Буква“.