ПАРИТЕ ЌЕ СЕ ДОНИРААТ ЗА СЕМЕЈСТВАТА НА НАСТРАДАНИТЕ ОД КОЧАНИ
Kонцертот на Националниот џез-оркестар (НЏО) на 25 март во Националната опера и балет сепак ќе се одржи, беше објавено на неговата официјална фејсбук-страница. На концертот ќе гостува Марија Мендеш, португалска пејачка и композиторка што живее во Холандија, а настанот ќе биде хуманитарен.
– Средствата од продажбата на билетите ќе бидат донирани за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани. Во фоајето ќе бидат поставени и кутии за донации во кои ќе може дополнително да се донираат средства – велат од НЏО.
Музиката на Мендеш е уникатна мешавина од џез и португалска фадо-музика. Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, таа преработува стари фадо-песни во модерни џез-аранжмани. Токму овој материјал, дополнително обработен за биг-бенд оркестар од страна на Владимир Николов, кој ќе диригира, ќе се свири на концертот.
Заедно со пијанистот и аранжер Џон Бизли, таа решава старите фадо-нумери да ги изведе во модерно џез-руво. Овој органски спој им носи четири греми-номинации за двата албуми: „Close To Me“ (2019) и „Saudade, Colour of Love“ (2022), од кои вториот беше аранжиран за џез-ансамбл и камерен оркестар со гудачка и дрвена дувачка секција, изведен со познатиот холандски „Метропол оркестар“.
Токму овој материјал, дополнително обработен за биг-бенд оркестар од страна на Владимир Николов, Марија Мендеш и Јесе Пасение, ќе биде изведен во оваа специјална пригода, на концертот со Националниот џез-oркестар.
Покрај неколку легендарни фадо-песни во репертоарот, значајно е што легендарниот Хермето Пашкоал ѝ посвети песна на пејачката со неговата експериментална верзија на фадо, изведена без зборови.
Една од омилените песни на Марија е „Com Que Voz“, стара песна од Португалија чиj текст датира од пред 500 години, напишана од поетот Луиш де Камоеш, кој многумина го сметаат за португалски Шекспир. Оваа песна ја поставува атмосферата за публиката да стане сведок на една незаборавна вечер на музика, каде што богатиот оркестарски звук на биг-бенд оркестарот создава искри кога се среќава со возбудливата интеракција на страсниот глас на Мендеш, кој пее приказни за „saudade“, копнеж и љубов.