Ансамблот за народни игри и песни на Хрватска „Ладо“ ќе се претстави со концерт на народни игри на 3 јуни 2025 година во Национална опера и балет, Скопје. Гостин на концертот ќе биде македонскиот ансамбл „Танец“.
Во богатата низа на разновидни концерти кои „Ладо“ ги изведува во текот на годината, најбрилијантни се играорните програми во кои може да се види целиот сјај на ансамблот.
-Годинава „Ладо“ подготви програма со која публиката ја води на патување низ различни региони на Република Хрватска и други простори каде живееат Хрвати.
Со темпераментна изведба на народни игри, различни видови на пеење и музички пракси, инструменти, дијалекти и раскошен колорит на народни носии, „Ладо“ ве води низ богатото културно наследство во кое со игри, песни и музика се создава фолклорна уметност со автентичен стил што „Ладо“ го негува и развива веќе 76 години.
Концертот на народни игри и песни претставува дел од најпознатите, антологиски изведби на „Ладо“ – вели Зринка Посавес, уметничка директорка на „Ладо“.
„Танци од Посавина“ и „Танец по Сусацку“ се легендарна кореографија на основачот и прв уметнички директор на „Ладо“, професорот Звонимир Љевакови. Патувањето со танц и музика низ Хрватска продолжува со сценски приказ на јурјевски обичаи од хрватското Загорје на авторот Ивица Иванковиќ „Прутољаки ходију“, „Примоштенско оро“ на д-р Иван Иванчан, а тука се и „Стари сплитски танци“ на Бранко Шеговиќ и „Танци од Барања“ на Михајло Смољановиќ.
Оркестарот на ансамблот „Ладо“ ќе се претстави со антологиска обработка на музички теми од Шокадија преку композицијата на Боже Поточник „Шокачка средба“.
Самиот крај на концертот е резервиран за легендарни и на публиката омилени „Пригорски танци“ на Звонимир Љеваковиќ.
Со својата извонредност, темперамент и автентични изведби „Ладо“ продолжува да ја одушевува хрватската и светската публика, претставувајќи го богатството на хрватската традиција. Енергични и инспирирани од традицијата, изведбите на ансамблот „Ладо“ и кореографски и сценски се интерпретации во кои е пред сѐ испочитувана оригиналната, автентична народна уметност, а нивниот уметнички впечаток никого не остава рамнодушен.
Концертот почнува во 19 часот и 30 минути.
Концертот е кофинансиран од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска и со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.

Билетите се во продажба преку онлајн-системот на Националната опера и балет.
https://www.karti.com.mk/eTickets/TicketList.aspx?pEventID=6840
https://operabalet.mk/event/lado/