Коце беше доктор за рокенрол!
Константин-Коце Икономов, еден од основачите на македонската рок музика, познат гитарист, аранжер и композитор си замина во легендите. Иако беше лекар по професија, за него музиката беше животниот избор. Роден е 1946 година во Скопје, каде и ја започнува својата музичка кариера. По маалските свирки по земјотресот, првиот бенд во кој членува е „Бисери“, кој во 1966 година се спојува со „Безимени“ и се создава култната рок група „Бис Без“, со која останува се до нејзиното згаснување. Коце свири на гитара и на клавијатури. Набрзо ги снимаат своите први песни, некои авторски, а други препеви на познати хитови, со текст на македонски јазик. Најпознати се по „Дал да плачам ил да пеам“, песна која се слуша и денес. Прекинуваат да свират 1973 година, а во 1992 повторно се собираат и го снимаат единствениот носач на звук аудио касета со најголемите хитови. Официјално постојат до 2008.година. Во средината на 1970-те Коце свири и во бендот „Спектар“, а на почетокот на 1980-те бил член на „Скопје џез квартет“. Во 1971 година се вработува како бас гитарист во Ревискиот оркестар на Радио Скопје, каде останува до пензионирањето.
Во 2006 година, Икономов доби „златна бубамара на популарноста“ за животно дело.
Голем број познати личности, повеќето музичари, но и новинари, пријатели, почитувачи на неговото дело со одбрани зборови на социјалните мрежи се простија од легендарниот музичар, некои од нив со голема благодарност за се што научиле од него.
Еве што напишаа:
Петар Георгиевски-Камиказа:
Друже Коце не знам од каде да почнам, бидејќи нашите патишта се вкрстувале многу пати. Прво наше запознавање беше кога заедно со Перо Мањифико ми свиревте на свадба, која ја направивте рок концерт! Од Парпл, преку Стоунси, Битлси до Лед цепелин. Ме купи за сите времиња. Потоа твојот внук Поце стана наш пејач и во една прилика ми рече, топ е малиот, си направил прав избор. Додека бев уредник во продукција ми беше и колега и доктор и советник за се нешто. Можеби малкумина од вас знаат, но Коце беше по диплома доктор, но по срце и душа пред се музичар. Питом карактер и човек, спремен секогаш на сите, се нешто што им требаше да им помогне, секогаш насмеан и полн со оптимизам и живот. Последно што заедно направивме беше концертот во „Хард рок“ на кој успеавме заедно да ги натераме и другите членови од легендарниот „Бис Без“ да застанете повторно на сцена! Беше неповторливо задоволство да бидам дел од тој историски момент. За жал замина пред да отсвириш една со внук ти и „Меморија“, е тоа ќе ми биде нешто што сакав, а не успеав да го направам на овој концерт. На наредниот ако го има, ти ветувам дека „Дал да плачам ил да пеам“ ќе ја отсвириме во твоја чест.
Тошо Филиповски:
Со сета почит кон Константин Икономов-Коце, а во прилог кон неговата исклучителна важност за македонската култура…Тоа е човекот кој заедно со неговите пријатели кои за жал еден по еден си заминуваат, ја донесе западната музичка култура во Македонија.
Деан Шкартов
Во Македонија живееше и свиреше Коце Икономов. Благодарни што имаше кого да копираме и од кого да се инспирираме. Така се спасивме …Вечна Љубов и незаборав
Драган.Б.Костиќ:
Почина Коце Икономов, еден од основоположниците на македонскиот рок, доктор, одличен виолинист, сталожен гитарист, сигурен предводник, урнек, композитор, мирен, добар човек. Во една реченица, децении плодна работа, исполнет живот.
Славчо Стојанов:
Ме растажи веста дека починал Константин Коце Икономов еден од најзначајните ликови во македонската поп рок музика.Како член на легендарните „Бис Без“ беше сметан за еден од најдобрите гитаристи во Југославија, подоцна член на „Мањифико“, и басист во ревискиот оркестар МРТ. Мојата прва вистинска бас гитара и засилувач беа купени преку него затоа што во осумдесетите само професионалните музичари можеа да увезат инструменти од странство. Бевме подалечни роднини и секогаш го паметам како човек со одмерен и убав карактер. Малку кој знаеше дека Коце го имаше завршено најтешкиот факултет, медицинскиот, но никогаш не работеше како доктор. Сите го знаеа како доктор за рокенрол. Неговите два сина се исто така одлични музичари. Нека почива во мир.
Љупчо Мирковски:
Уште еден голем музичар и прекрасен човек замина во вечноста. Константин-Коце Икономов, нека ти е светол патот и фала ти за се што научив од тебе.
Валентино Скендеровски:
Почивај во мир Коце! Многу научив од тебе, беше прекрасна личност и неверојатен професионалец. Нека ти е вечна слава!
Зорица Поп Панкова:
Догледање мил наш Коце. Тажни сме, многу сме тажни јас и Папас…. Уште една безвременска легенда си замина во вечноста. Те чекаат: Ламбе, Станче, Чивчи, Циме. Засвирете и запејте како некогаш, онака како што само вие занаете и умеете… Било и поминало, но засекогаш остануваш во нашите срца, бидејќи само легендите никогаш, никаде не заминуваат…
Игор Џамбазов :
Збогум доктооре, те паметам од дете. Ем беше еден од првите рокери во Скопје, ем свиреше во ревискиот оркестар со кој диригираше татко ми. Ти беше еден од оние тивки, умни и талентирани господа што ни го правеа животот поубав. Додека сум жив и додека ја слушам песната „Време за плачење“ ќе си спомнувам за тебе и твојот интересен глас со кој почнува песната. Патувај мирно кон небото.
М.Т.