Комеморативна седница за Коле Манев во „Даутпашиниот амам“
Денеска Друштвото на ликовни уметници на Македонија организира комеморативна седница за уметникот Коле Манев (1941-2025), член и поранешен претседател на ДЛУМ. На комеморативната седница, која ќе се одржи во националната галерија „Даутпашин амам“ со почеток во 12 часот, ќе се обратат колеги и пријатели на уметникот.
Коле Манев е роден во 1941 година, во с. Бапчор, во егејскиот дел на Македонија, а за време на Граѓанската војна во Грција завршува во Романија, во прифатните домови во Арад, Синаја, Орадеа и Тулгеш, во романските Карпати. Токму името на овој последен дом – Тулгеш ќе послужи како инспирација за неговото најзначајно, врвно дело во филмската кариера – документарниот филм „Тулгеш“. Таму останува осум години. Во 1955 година, со посредство на меѓународниот Црвен крст се враќа во Македонија.
Го завршува Средното уметничко училиште, а потоа е примен на Ликовната академија во Белград, но по завршувањето на првиот степен се враќа во Скопје, а во 1965 година, веднаш по основањето на Телевизија Скопје, почнува да соработува со неа. Во таа прва етапа на телевизиското творештво кај нас, Коле Манев е ангажиран како режисер на анимирани и документарни емисии, а како млад ликовен уметник, тој рачно ги исцртува и сите шпици за сите документарни емисии што се снимаат во Радио-телевизија Скопје. Потоа заминува во Париз, таму работи како слободен уметник и ја оформува својата сликарска кариера. Коле Манев беше врвен портретист, за што сведочат многубројните портрети што висат во приватните колекции на колекционерите во земјава и во странство, но и портретите на преродбениците што се наоѓаат во нашата највисока научна институција МАНУ, исто така и портретите на најзначајните македонски писатели што се изложени во седиштето на ДПМ.