Отворена изложбата за 80 години „Остен“ во „Чифте-амам“

Во галеријата „Чифте-амам“, во срцето на старата скопска чаршија, беше отворена изложба со која завршува годинашното „Остен биенале 2024“. Овој настан, кој се одржува во знакот на 80-годишнината од постоењето на „Остен“, ја претставува уметноста на 80 наградени творци од повеќе од 40 земји. На отворањето беа доделени наградите и признанијата за уметниците и соработниците на „Остен“, а изложбата нуди богат избор на визуелни изрази – од уметност на хартија, сликарство и инсталации до фотографија, видео и мултимедијални дела.

Извонредните уметнички достигнувања на Пистолето

Меѓу претставените уметници на изложбата клучно место има италијанскиот уметник Микеланџело Пистолето, кој го доби гран прито за животно остварување. Тој ѝ е многу добропознат не само на професионалната туку и на пошироката јавност како уметник, теоретичар на уметноста, централна фигура во италијанското уметничко движење „Арте повера“, изумител на „Формулата на креацијата“ и основач на „Цитаделарте“. Неговите извонредни уметнички достигнувања се причина за оправданоста на одлуката на Советот на амбасадори на „Остен“ токму нему да му се додели највисоката награда на Биеналето.
– Тој започна да ги изложува своите дела во 1955 година, а веќе во 1960 година ја имаше својата прва самостојна изложба во галеријата „Галатеа“ во Торино. Неговите рани дела се карактеризираат со истражување во автопортретирањето. Првите огледални слики, кои директно ги вклучуваат гледачот и реалното време во делото, ја отворија перспективата, менувајќи ја ренесансната перспектива, која заврши со појавата на авангардите од 20 век. Овие дела брзо му донесоа меѓународно признание на Пистолето, што доведе, во 1960-тите, до самостојни изложби во важни галерии и музеи во Европа и во САД. Огледалните слики се основата на неговиот последователен уметнички труд и теоретска мисла. Пистолето продуцираше серија дела со наслов „Минус објекти“, кои се сметаат за фундаментални за раѓањето на „Арте повера“, уметничко движење во кое Пистолето беше анимирачка сила и протагонист – велат организаторите.
Во 2003 година Пистолето го доби „златниот лав“ за животно дело на Биеналето во Венеција. Во 2004 година „Лувр“ во Париз беше домаќин на неговата самостојна изложба „Микеланџело Пистолето, година прва – рај на Земјата“. Истата година тој ја доби наградата од императорот за сликање, во Токио. Пистолето доби и почесна диплома на Универзитет за уметност во Хавана, Куба.
„Светско културно наследство“ за Вангел Наумовски

Наградата „Светско културно наследство“ годинава му е доделена на Вангел Наумовски, македонски сликар со светско реноме, роден во охридското село Скребатно, во 1924 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен од него како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид, во 1954 година. Потоа следувале нови изложби, награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961 година, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделило наградата „Свадбен венец“. Истата година од градот Охрид тој ја добива наградата за сликарство „Седми ноември“ и почнува да се занимава исклучиво со сликарството како слободен уметник.
Во 1970 година изложува во галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали, кој меѓу другото истакнал: „Ова е сликар од бајките. Тој е сликар наивец, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните сликари наивци. Кај Наумовски има елемeнти што може да бидат дури и научни“.
Во 1974 година Наумовски бил награден со гран при за сликарство од колекцијата „Винстон“ во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанската академија за ликовни уметности, од каде што ил номиниран и за академик.
Наумовски има остварено над 30 самостојни и стотина групни изложби низ сите центри на модерната уметност, како Париз, Рим, Лондон и Њујорк…, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Починал на 13 јуни 2006 година во Охрид.

Посебно гран при за СимонШемов и за Мрѓан Бајиќ

Симон Шемов е роден во 1941 година во Кавадарци, дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Белград во 1964 година, а постдипломски студии завршил во Лондон (1971–1972). Од 1981 година е професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и предава Сликарство, Цртеж и Медиум целулоза, додека во 1991-1992 како стипендист на програмата „Фулбрајт“ предавал во САД. Покрај цртеж, практикува графика, мозаик, скулптура, дигитална графика. Тој е претседател на НВО „Медцел“ и има објавено еден научноистражувачки труд во областа на медиум целулоза (рачна изработка на хартија).
Мрѓан Бајиќ е роден во 1957 година во Белград, каде што дипломирал и магистрирал скулптура на Факултетот за ликовни уметности, под менторство на проф. Јован Кратохвил. Од 1997 година е професор на истата катедра, а меѓу неговите позначајни проекти се „Југомузеј“, „Театарска скулптура“ и учество во павилјонот на Србија на Биеналето во Венеција (2007). Добитник е на грант од фондацијата „Полок-Краснер“ (1994-1995) и на титулата витез на уметностите и книжевноста од Франција (2015).

Награди од Светската асоцијација на визуелните уметности

Наградата „Рембрант“ за извонредност во уметноста ја добива Жан Богосијан, белгиски уметник со либанско-ерменско потекло, роден во 1949 година во Алепо. Богосијан е познат по неговата иновативна употреба на оган и чад како медиуми во неговите апстрактни уметнички дела, кои претставуваат рамнотежа помеѓу уништувањето и обновувањето. Тој е коосновач на фондацијата „Богосијан“ во Брисел. Тој добива меѓународно признание преку учество на 57. Биенале во Венеција (2017) и „Засекогаш е сега на уметноста на Египет“ во 2024 година. Мултидисциплинарната практика на Богосијан опфаќа платно, скулптура и керамика, постојано експериментирање и уметничка разновидност.
Наградата „Уметник на светот“ ја добива Киро Урдин, мултимедијален уметник што студирал уметност во Париз и работел како новинар пред да ѝ се посвети на уметноста. Неговото најпознато дело, „Планетариум“, мултимедијален проект и значаен пример на правецот мондидализам, е откупено и изложено во Холандија, додека истоимениот филм бил прикажан на фестивалот во Монте Карло. Урдин живее и твори помеѓу Македонија и Белгија, создавајќи уметност со силна верба во љубовта, пријателството и човековите вредности.
Наградата „Уметник на Балканот“, пак, му е доделена на Данчо Ордев, роден во 1945 година во Скопје. Завршил училиште за применета уметност во Скопје. Дипломирал на Академијата за ликовна уметност (отсек сликарство) во Загреб во 1969 година. Член е на ДЛУМ од 1973 година. Работел како редовен професор на Педагошкиот факултет во Скопје. Има реализирано самостојни изложби во Загреб, Скопје, Битола, Струга, Прилеп, Велес, Осиек, Гостивар, Кичево, Струмица, Хелсинки, Брисел.
Меѓу наградените на „Остен биенале“ се и: Павол Трубен (Словачка), К.С. Шриватшан (Ченаи), Филип Јовески, (Македонија), Сунгчан Ким, (Јужна Кореја), Никола Марковиќ (Србија), Бруно Павиќ (Хрватска), Тодорис Трампас (Грција), Стивен Балог (Унгарија), Јана Луловска (Македонија), Татјана Ан (Украина), Филип Лебланк (Белгија) и др.

Италијанската уметност како една од највлијателните во светот

Посебна награда за национално претставување добива италијанската уметност како една од највлијателните национални уметности во светот, со вековна иновација и креативност.
– Од античките римски скулптури и мозаици до ренесансните ремек-дела од Да Винчи, Микеланџело и Рафаел, Италија е лулка на уметничка извонредност. Ренесансата (14-17 век) ја означила златната доба, нагласувајќи ги хуманизмот, реализмот и перспективата. Барокната уметност (16-18 век) предводена од Караваџо и Бернини, воведе драматично осветлување и емотивен интензитет, додека футуристичкото движење од 20 век ги прифати модерноста и динамиката. Италијанската уметност се карактеризира со нејзиниот акцент на хуманизмот, религиозните теми и техничката прецизност, одразувајќи ги богатата историја на земјата, културното наследство и трајното наследство како светилник на креативност и инспирација низ светот. Колекцијата на „Остен“ вклучува околу 200 италијански уметници со повеќе од 450 дела, меѓу кои Џорџо де Кирико, Џузепе Капагроси, Мимо Ротела, Марчело Морандини, Франко Векие, Емилио Ведова, Марино Марини, Марко Бањоли…