ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ФОРУМ НА СЛОВЕНСКИ КУЛТУРИ
Деновиве со повеќе работни активности и свечености, во Белград и во Ужице, со присуство на голем број гости од повеќе земји, се одбележа 20-годишнината на меѓународниот издавачки проект „100 словенски романи“. Домаќин на настанот, покрај директорката на институцијата „Форум на словенски култури“, Андреа Рихтер од Словенија, беше и српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, кој во моментов е и претседател на управниот одбор на оваа меѓународна организација. Досега во други словенски земји се објавени романи на Славко Јаневски, Петре М. Андревски, Оливера Николова, Димитар Башевски, Крсте Чачански, Венко Андоновски, Ермис Лафазановски и на други наши истакнати романсиери. Различни издавачи од вкупно девет земји до денес објавија романи на 108 писатели, чии книги ги превеле вкупно 59 преведувачи. Проектот продолжува со воведување нови писателски имиња и дела. Годинашната средба се одржа во Народната библиотека на Србија.
Во Ужице се претставија книжевни портрети на пет истакнати писатели, словенечкиот автор Владо Жабот, македонскиот прозаист Томислав Османли, бугарската авторка Здравка Евтимова, како и српските писатели Владан Матијевиќ и Петар Матовиќ. Модератор беше српскиот автор и критичар Младен Весковиќ, главен и одговорен уредник на едицијата „100 словенски романи“. Писателите се претставија со читања одломки од сопствените романи, секој на својот јазик. Томислав Османли прочита фрагмент од својот роман „Бродот. Конзархија“ со поднаслов „Холограф“, кој во 2016 година го објави скопскиот издавач „Магор“, во 2022 г. српскиот издавач „Агора“ од Нови Сад, а годинава и московскиот издавач „Рудомино“. На српски јазик беше прочитана и одломка од неговиот роман „Зад аголот“. Двата романа на Османли доживеаја повеќе позитивни критички огласи во Србија и во Русија.
Истиот ден се одржа и промоција на наградата „Жива“, која годишно им се доделува на избраните музеи на членките на „Форумот на словенските култури“, на која се обрати кустосот Маја Чанкуловска-Михајловска, која ја претстави богатата дејност на Националната галерија на Македонија.