Годинава ќе им биде оддадена почит на Димитар Миладинов (215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани (90 години) и Игор Исаковски (55 години), а ќе биде одбележан и 95. роденден на Георги Сталев
Фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и „Скопје сити мол“ го одложија одржувањето на настанот посветен на поезијата, кој требаше да се одржи од 20-23 март, поради трагедијата што се случи во Кочани во која животот го загубија 59 лица. Во очекување на новиот термин на манифестацијата да потсетиме дека по успехот на првата едиција на „Деновите на поезијата“, во март 2024 година, кои беа иницирани по повод 80 години од првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија, „Песни“ од Ацо Шопов (1944), и Светскиот ден на поезијата (21 март), организаторите оваа година ќе им дадат збор на сите генерации македонски поети, од основоположниците, преку современите афирмирани поети, па сè до оние што допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија.
Книжевниците на кои ќе им биде оддадена почит се: Димитар Миладинов (по повод 215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани (90 години) и Игор Исаковски (55 години), а ќе биде одбележан и 95. роденден на Георги Сталев. Нивните стихови ќе прозвучат низ гласот на Никола Ристановски, со придружба на студенти од Факултетот за драмски уметности и од Факултетот за музичка уметност при УКИМ, а за нив ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература.
Аврамовска ќе се осврне и на другите значајни годинашни јубилеи, како што се: 150 години од објавувањето од „Речник на три јазика“ и 145 години од објавувањето на „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски; 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг; 100 години од објавувањето Абецедарот – буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина; и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и македонскиот правопис, како и од печатењето на првиот Буквар во слободна Македонија.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети што нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, како и на двајца поети што изградија поетски мост помеѓу нашата земја и африканскиот континент, Леополд Седар Сенгор и Ацо Шопов. Во овој сегмент ќе ги слушнеме Сашо Гигов-Гиш, Петар Ренџов, Никола Ристановски и Игор Џамбазов.
„Во дослух со Шопов“ е насловот на средбата со претставници на Македонскиот ПЕН-центар и добитници на наградата „Ацо Шопов“, која ќе ја води Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и претседател на Македонскиот ПЕН-центар, а во која ќе учествуваат Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан, Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски и Ивица Џепаровски. В.Д.