Литературно-издавачката дејност при НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп за денеска, од 18.30 часот, во фоајето од центарот најавува промотивна дружба и разговори со Ивана Хаџиевска, инспирирани од нејзината збирка есеи „Суспендирана итност“.
– Хаџиевска посочува на очајното ниво на македонската и балканската историографија и политика на сеќавање, при што, наместо повеќе да се работи на разбирањето на националните митови, се наметнуваат поими за „историска вистина“… Хаџиевска ja има таа интелектуална храброст, толку малку почитувана, а толку многу важна – вели политикологот Здравко Савески во рецензијата за книгата.
„Суспендирана итност“ е збирка есеи што Ивана Хаџиевска ги пишувала и ги објавила во периодот од 2014 до 2024 година. Тие се пишувани низ призмата на историјата, социологијата, филмот и родовата димензија. Авторката ги разгледува симптомите на руптурните кризи, кои го потресувале светот од 20 век до 21 век. Состојбите се прикажани низ компаративни ракурси што фокусираат локално и глобално, но наместо балканската ексцентричност, се обидуваат да ги допрат и универзалноста на проблемите на капитализмот, идеологиите и влијанието на кризите врз луѓето и заедниците. Разговорот со Хаџиевска ќе го води Кирил Бисероски, а модератор е Александар Еленин.
Ивана Хаџиевска (1995) е историчарка и независна истражувачка. Дипломирала историски науки на Филозофскиот факултет во Скопје во 2018 година. Магистрирала во областа на економската историја. Истражува во полето на филозофијата на историјата, историјата на жените и политиките на сеќавање. Ка.М.