Акција на садење дрва ќе се одржи в понеделник, 6 април, со почеток од 11 часот во мегапаркот во Карпош, Скопје, во соработка со Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, при што издавачката куќа „Сакам книги“ донира садници за пошумување и директно придонесува за збогатување на урбаното зеленило, токму таму каде што нејзината дејност најмногу влијае.
– Ова е прва акција од ваков тип кај нас, каде една издавачка куќа, како голем потрошувач на хартија, свесно одлучува да ѝ врати на природата, заедно со своите читатели. Веруваме дека ова нема да биде единствен чекор, туку почеток на една нова пракса – изјави Ивана Спасев, главен уредник во „Сакам книги“ и лидер на проектот „Со љубов, од Европа“, во чии рамки е предвидено 10 отсто од продажбата на книгите да бидат наменети за садење дрвја во Скопје.
Таа додава дека целта е да се поттикне двојна свест, грижа кон природата и љубов кон читањето, како вредности што идните генерации треба да ги носат како приоритет.
– Ако тие вредности ги изградиме навреме, сигурни сме дека ќе создадеме подобар свет – за нив и за сите нас – вели Спасев.
Настанот за садење дрвја е дел од проектот „Со љубов, од Европа“, кој го реализира „Сакам книги“ како продолжение на својата 16-годишна посветеност кон литературата и читателите.
Проектот започнува со 16 избрани наслови од 13 европски земји, напишани на помалку застапени јазици и од автори што за првпат се преведуваат на македонски. Секое дело носи автентична перспектива и отвора важни општествени теми – од ментално здравје и родова еднаквост, до инклузија, диверзитет и климатски промени.
































