Промовирана монографијата за христијанството во Црна Гора на Илија Велев

Двотомната студија на македонскиот медијавист Илија Велев „Христијанството во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет“, објавена од „Матица црногорска“ кон крајот на минатата година, беше промовирана деновиве во националната библиотека „Ѓурѓе Црноевиќ“ во Цетиње, Црна Гора. Уредник и преведувач на книгата е Иван Ивановиќ.
– Истражувањето во историскиот континуитет го следи развојот на христијанството низ сите цивилизациски случувања и глобални процеси, почнувајќи од античката илирско-војводска субјективност и завршувајќи со црногорската национална колективност на почетокот од 20 век. Публикацијата фрла светлина врз тие малку познати и непознати процеси и периоди и истакнува неколку истражувачки одговори на претходно необјаснети прашања во црногорските студии – рече Ивановиќ на промоцијата.
Ова двотомно дело на нашиот истакнат научник има првокласно значење за црногорскиот идентитет и суверенитет.

Историчарот Божидар Шекуларац, истакнувајќи го огромното значење на ова дело за црногорската држава, рече дека оваа книга, од познат научник, творец на универзитетското образование, фрла светлина врз друга димензија на црногорската историја. Според него, црногорското прашање помеѓу 1920 и 1944 година имало непроценливи последици за националниот, духовниот и за културно-историскиот идентитет на Црна Гора и Црногорците.
Претседателот на „Матица црногорска“, Иван Јововиќ, посочи дека со овој труд се утврдуваат маркерите на христијанскиот идентитет на црногорска територија.
– Професорот Велев даде богата ризница, која можеме само фрагментарно да ја согледаме и разбереме, особено кога станува збор за првиот милениум на христијанството, исцрпен увид и толкување на познати историски извори и археолошки наоди, користејќи го компаративниот метод во објаснувањето на толку сложена тема. Професорот Велев ги понуди потребните одговори за појавата и за развојот на христијанското учење и на црковната организација, не само на територијата на Црна Гора туку и на поширокото подрачје што го опфаќаше државата Дукља – рече Јововиќ.

Авторот Илија Велев нагласи дека оваа книга не е антисрпска, не е антихрватска, ниту е насочена против некого.
– Ова е црногорска книга, глобалистичка по дух, која ги прикажува сите процеси што се одвивале на територијата на Црна Гора. Зборува за сите цивилизациски слоеви или супстрати. Нејзините 850 страници се резултат на методолошки пристап насочен кон објаснување феномени што оставиле трага и остаток низ цивилизациските слоеви. Целта е црногорскиот народ да знае дека има своја традиција и да живее со неа – рече авторот.
Илија Велев (1959) е универзитетски професор, научник и литературен творец, редовен професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопјe. Тој е автор на околу 500 научни книги, студии и трудови од областа на средновековните студии, византиските студии, палеословенските студии, историографијата, културолошките студии и книжевните студии.

В.Д.