Култната „Диво месо“ на Горан Стефановски доживеа ново издание
Творештвото на Горан Стефановски е задолжително не само за секој читател туку и за секој Македонец. Како што вели Венко Андоновски: „Кој не ја прочитал или не ја гледал на сцена ‘Диво месо’ – тој како да не живеел за книжевноста и театарот“.
Новото издание на „Диво месо“ со логото на издавачки центар „Три“ е особено значајно за него и по еден друг повод – токму оваа книга е негово илјадито самостојно издание од почетокот на формирањето во 1999 година.
– Со секоја прочитана книга од Стефановски одново сфаќаме зошто тој го промени текот на македонската книжевност. Стилски совршена, пишувана како огледало на денешните вредности, кај секого буди поттик да сврти нова страница. Сè додека не стигне до крајот на пиесата, каде што е почетокот на дејствувањето. Книга будилник што ни кажува дека ние го создаваме домот – а домот се создава во нас. Со сета скриена и откриена симболика во ова ненадминато ремек-дело, Стефановски ни остави аманет што може да нè промени од корен. На тој начин, да ни го спаси коренот – велат од „Три“.
„Диво месо“ е семејна драма, во која еден млад амбициозен маж сонува и се вљубува во еден убав дел од Европа и секако дека тој идеализам му донесува многу болка. Централна тема е куќата, домот чие уништување носи распаѓање на целото семејство.
Драмата првпат е поставена во Македонија во 1979 година. Иако дејствието се случува во 1940-тите години за време на Втората светска војна кога домот на главните ликови, семејството Андреевиќ, бил загрозен од страна на настапувачкиот нацизам. Според авторот, приказната секогаш е актуелна со оглед на тоа дека секоја генерација се среќава со некои нови опасности, ритуали, обичаи, кои доведуваат до распад на традиционалните вредности и традиционалните семејства.
– Кога ја пишував пиесата „Диво месо“ мислев дека таа се однесува на минатото.
Сега гледам дека се однесувала на иднината. И навистина во 1980 ми се чинеше дека сме ја дофатиле утопијата и дека сите битки се завршени. Сметав дека пиесата е сместена во предвечерјето на Втората светска војна и дека опасноста по куќата на фамилијата Андреевци е од доаѓањето на нацизмот. Денес ми се чини дека никаква утопија не сме дофатиле и дека постои опасност да дофатиме дистопија. Ми се чини како пиесата да е сместена среде современите Балкански војни и тренингот на мускули на новиот светски поредок. Куќата на Андреевци ја демнат поинакви опасности и искушенија – изјави во една пригода Горан Стефановски.
В.Д.