До крајот на годинава

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков беше во работна посета на Лешочкиот манастир, најголемиот духовен центар во Тетовско, каде што се сретна со митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Во рамките на посетата министерот Љутков заедно со в.д. директорката на Националниот конзерваторски центар, Цветанка Хаџипецова, ги најави завршните активности за конзервација, реставрација, санација и ревитализација на стариот конак, како и активностите за конзервација и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
– Оваа година конечно ќе завршат конзервацијата, реставрацијата, санацијата и ревитализацијата на стариот конак, кој претставува интегрален дел од манастирскиот комплекс. За реализација на овој проект, кој е од исклучително значење за Република Македонија, обезбедивме шест милиони денари и очекувам негово завршување до крајот на годината – информира Љутков.
Оваа година, како капитален проект, се обезбедени и финансиски средства за реализација на конзервацијата и раслојувањето на живописот на црквата „Св. Богородица“ со евидентирани фази од 14, 17 и 19 век.
– Според информациите од конзерваторите од НКЦ, откриениот, трет, најстар слој фрески во црквата „Св. Богородица“ сведочи за повеќевековниот континуитет на опстојување на ова споменично добро во манастирскиот комплекс во Лешок. До крајот на годината очекувам да бидат пошироко дефинирани површините со најстариот живопис и да се предложат натамошни мерки за конзерваторските зафати – рече Љутков.
Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на Тетовско-гостиварската епархија на МПЦ–ОА, г. Јосиф, кој информира дека завршувањето на манастирскиот конак со капацитет од 50 легла, заедно со спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние придружни содржини што се внатре во самиот конак, ќе биде од особено значење за развој на манастирскиот туризам.