Што подготвува Националната галерија на Македонија
Во годината на одбележување јубилеј – 75 години постоење, Националната галерија на Македонија лани реализираше квалитетна програма за достојно чествување. Низ разни проекти, доминантно ја афирмираше богатата колекција, презентираше врвни мајстори на модерната и современата национална уметност. Оваа година, предизвикот, како што велат оттаму, е да го одржат нивото со понуда што по содржина и разновидност ќе биде подобра од претходната.
Така, во август, во „Чифте-амам“, ќе биде отворена изложба на Томо Владимирски по повод 120 години од раѓањето на уметникот (1904-1971). Владимирски бил македонски сликар, сценограф, еден од основоположниците на модерното македонско сликарство. Првите сликарски поуки ги добил од својот учител, зографот Димитар Андонов Папрадишки. Во 1935 година завршил академски курс во Белград, а во 1937 година специјализирал сликарство на Уметничката академија во Прага кај професорот Јакоб Обровски. За време на окупацијата бил активен во организирањето на културниот живот во градот Скопје и надвор од него.
– Тој остварил неколку студиски патувања, меѓу кои и во Париз, во 1957 година. Работел како сценограф во Македонскиот народен театар во Скопје во периодот од 1939 до 1966 година. Стилски се поврзува со реалистичкиот и експресионистичкиот израз. Се одликува со разновидна тематска определеност: градски мотиви, мртва природа, портрети, а по војната, сликал историски содржини и мотиви од реките Вардар и Радика – вели кураторката на изложбата, Ана Франговска.
Во септември, исто така во „Чифте-амам“ ќе биде презентирана ретроспективната изложба на Златко Трајковски-Хинки, еден од најзначајните уметници што твори во првата половина на 1980-тите години, период што е пресвртница во размислувањата за уметноста и како таа во иднина би изгледала во Македонија, период кога се работи на постмодернизмот и новите медиуми. Тој е еден од првите што видеото, инсталацијата и перформансот ги користи како медиум во своето уметничко дејствување.
– Златко Трајковски е визуелен уметник што творел во контекст на постмодернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти. Изложбата ќе ги посочи односите меѓу два важни модалитета на неговото дело: ликот на склопување на традиционални и модерни материјали/медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталното и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужува вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман – вели кураторот Горанчо Ѓорѓиевски.
Во септември, во „Чифте-амам“, ќе можеме да видиме уште една интересна поставка – „На работ“ на Гоце Наневски, во соработка со Доријан Миловановиќ, – интердисциплинарен истражувачки проект што својот интерес го лоцира во аспектите на состојбата „на работ“ (во буквална смисла) и консеквенциите предизвикани од неа.
– Проектот генерално опфаќа осврти на четири теми, и тоа: перцепција, слушливост, тишина и нула. На работ е природен, општествен, физички, хемиски, биолошки, личен, социјален, професионален, емоционален… конструкт. Состојба што искуствено игра значајна улога во градењето на нормите околу нас и илустрира цели промени во најшироко епохално значење. Овде, авторската интенција е да се истражат навидум едноставни ситуации, кои делумно допираат во научното, но и се замрзнати слики од интуитивноста со мала или никаква свесност за истите тие. Примери што едноставно го илустрираат ова има многу (на работ на несреќата, на работ на скалите, здравјето, довербата, искреноста, убавината, опасноста, војната итн.). Просторната поставеност на проектот ќе биде во доменот на објектот, кинетичката скулптура, светлината, топлината, звукот, стојните бранови и видеото испреплетени во жанрот на инсталацијата – вели кураторката Ана Франговска.
„Даутпашин амам“, пак, во септември ќе биде домаќин на јубилејната изложба по повод 120 години од раѓањето на Вангел Коџоман.
– Годинава имаме вистински повод да му посветиме внимание, време и простор на творештвото на Вангел Коџоман. Деветте децении живот и повеќе од половина век плодотворна уметничка работа оставаат длабоки траги во темелите на современата уметност во Македонија. Коџоман ќе остане да живее преку своите дела како сликар на македонскиот пејзаж и на македонскиот човек и како еден од основоположниците на современото македонско сликарство. Ликовното дело на Вангел Коџоман е обемно, создадено во разни периоди и го обележува досегашниот развој на македонската современа уметност. Работел во разни техники и теми, повеќе жанрови. Неговото творештво го следиме преку огромниот интерес за портрет, автопортрет, пејзаж композиција, староградска архитектура, карикатура, социјални и историски теми. Специфичен е и препознатлив по настојувањето во своите дела да ги внесе и отслика светлината и боите на нашето поднебје. Вангел Коџоман е автор што има истакнато и специфично место во современата македонска ликовна уметност и е еден од основоположниците на ликовната уметност кај нас – велат кураторите на изложбата, Александра Зиновски Вилиќ и Маја Неделкоска Брзанова. В.Д.