СЕПТЕМВРИ ВО КИНОТЕКАТА

По годишноодморската пауза, вратите на Кинотеката, домот на седмата уметност, во септември повторно се отвораат. Разновидноста, во неколку форми, е карактеристика на оваа понуда за гледачите. Различни жанрови, разновидни земји во кои се продуцирани, разновидно време во кое се создадени. Оваа инклузивност го подразбира и значителниот број на регионалните копродукции како дел од месечната програмска понуда.
– Ќе се почне со турско-македонската копродукција „Најтешкото нешто“, снимена по сценарио на Оливер Ромевски, а во режија на Сердар Акар. На ова се надоврзуваат играни, документарни, музички филмови, кои го имаат префиксот како и почетните – регионални копродукции. Публиката во Кинотеката ќе има можност да ги проследи играните филмови „Здрави и живи“ и „Штркот“, како и нешто постариот „Караула“, во режија на филмскиот волк Рајко Грлиќ. На програмата ќе се најде и музичкиот документарец „Ефтрекланг – бендот Македониум“, кој го отвори годинашното издание на фестивалот „Синедејс“. Филмот е данско-македонска копродукција и е првиот филм на кој како продуцент се јавува МКЦ – најавуваат од Кинотеката.
Средишната септемвриска понуда е изненадувачка. Станува збор за веќе редовниот и со нетрпение очекуван Фестивал на нем и класичен филм. Всушност, тоа е шестдневна можност да се видат ваквите веќе подзаборавени, а легендарни кинотворби. Ова е вистински подарок за сериозните филмофили. Тоа што понатаму следува е исто така скапоцен подарок – филмскиoт гигант Скорсезе и почитуваниот наслов „Бандите на Њујорк“.
– Сево ова што ќе може да се гледа и доживее, можеби за првпат, можеби повторно, е за почит и наклон. Впрочем, Кинотеката на Македонија на ваков начин го задржува високиот рејтинг на прикажувач на филмските творби – велат од установата.