Оваа година мултимедијалниот уметник Киро Урдин е автор на плакатот за 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
– Разговаравме со одговорните луѓе од ИФФК „Браќа Манаки“, кои ми посочија дека имаат намера оваа година да му дадат еден уметнички аспект на визуелното решение за најновото издание. Во договор со фестивалските челници, имавме две-три опции, се одлучивме за ова дело. Станува збор за слика што половина е апстрактна, а половина е лик на една дама. Бојата е повеќе во сино, но сметам дека бојата не значи ништо. Имам напишано еден афоризам „Уметноста е во нијансите, боите се униформа“ – истакнува Урдин.
Вели дека во неговото творештво секоја слика е различна.
– Така сликам, така и размислувам. Повторувањето е знак на немоќ. Бидејќи основен постулат на уметноста е креативноста, значи треба постојано да се создава нешто ново, нешто креативно. Уметноста некогаш е успешна, некогаш е просечна, а некогаш е неуспешна, но зависи и од тоа кој е уметникот и кој е гледачот – смета Урдин.
Тој посочува дека првите чекори на кинематографијата почнуваат во Франција со браќата Лумиер.
– Постои една духовна паралела меѓу нив и браќата Манаки, но и меѓу Париз и Битола. Тие отвориле нови видици. Во тоа време не биле сфатени од своите современици, но биле големи ентузијасти и го отвориле тој пат на кинематографијата од кој сегашните генерации имаат голема бенефиција. Особено многу ме радува податокот дека голем број добитници на „оскар“ се добитници и на „златна камера 300“ што ја доделува фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“. И тоа е голем успех за фестивалот. Тие оскаровци верувале, ја согледале репутацијата на фестивалот и дошле да ја примат наградата – вели Урдин.
Киро Урдин е роден во 1945 година во Струмица. Дипломирал на Правниот факултет во Белград во 1969 година. Во периодот од 1971 до 1973 година работел како новинар, а подоцна студирал на Академијата за уметност во Париз. Од страна на „Академијата на филмот“ во Париз бил награден, а во 1982–1983 изработувал портрети на истакнатите учесници на „Струшките вечери на поезијата“. Од 1984 година тој работи како слободен уметник во повеќе земји.