Кирил Џајковски е добитник на годинашната награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, признание за неговиот исклучителен придонес кон македонската филмска музика и култура, соопшти денеска претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи, кој подвлече дека не е лесно да се најде лауреат за оваа награда, а да не се направи пропуст, бидејќи критериумот е многу висок и таков треба да остане.
– Џајковски е филмски композитор, но пред сѐ познат скопјанец, творец на културната сцена и културниот профил на нашиот град и на нашата држава. Го знаеме од неговиот бенд „Бастион“, потоа се појави во „Леб и сол“ во албумот „Како какао“ и направи еден извонреден исчекор за овој скопски бенд, потоа почна да работи на театарски претстави и на филмското платно, а за неговите диџејски и соло-проекти воопшто да не зборуваме. Синоним за современиот македонски звук, Џајковски е еден од најзначајните композитори и продуценти, познат по спојот на традиционални балкански мотиви со современи електронски ритми. Неговата музика е составен дел од најгледаните македонски филмови, меѓу кои „Бал-кан-кан“ и „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Прашина“, „Врба“ и „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Големата вода“ и „Пиарги“ на Иво Трајков (за „Големата вода“ ја доби наградата за најдобра музика на Фестивалот во Валенсија), како и „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски – рече Иванов.
Со оваа награда, македонската филмска заедница ја истакнува и ја слави уникатната уметничка визија на Кирил Џајковски, кој со својата музика ја збогати филмската и културната меморија на Македонија. Наградата ќе му биде врачена на затворањето на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.