Во октомври во Кинотеката на Македонија

Во октомври Кинотека на Македонија ќе прикаже филмови со Ален Делон, кој пред извесно време почина, но и на пред сто години, па и повеќе, родените Марчело Мастројани и Кери Грант. Тројцата останаа запаметени не само по артистичкото умеење туку и по својата убавина и харизма како своевидни Аполони. Ќе се обележат филмските достигнувања на нашата неодамна почината Снежана Стамеска. Ќе биде прикажан „Жед“ (1971), филмското дело на Димитрие Османли, по сценарио на Живко Чинго, во кој една од главните улоги имаше токму Снежана односно Снешка, како што ја нарекуваа нејзините пријатели и почитувачи. Почитувачите, пак, на легендарниот Кери Грант, кој годинава би полнел 120 години, ќе можат да го видат филмот „Шарада“.
– Македонска кинотека секогаш е актуелна. Одбележува, слави, потсетува навреме за сето она што треба да остане во колективната меморија како достигнување на филмската уметност. Не е важно дали станува збор за филмот како целина, за режисер, за сценарист, за артисти, за сниматели односно за секој што учествувал во креирањето на творбата, популарно наречена сликите што се движат – велат од Кинотеката.
Филмот „Шарада“ (1963) од критиката е опишан како најдобриот филм за Хичкок што Хичкок никогаш не го снимил. Овој филм на американскиот режисер Стенли Донен е прекрасна мистерија што блеска со хумор, неизвесност и стил од последните денови на гламурот на стариот Холивуд. Снимен е на локација во Париз и содржи анимирани наслови од Морис Биндер. Саундтракот на Хенри Манчини ја содржи популарната песна „Charade“. Со иконите Одри Хепберн и Кери Грант во главните улоги, оваа приказна од Париз е духовита и стилска како и нејзините двајца главни актери. Париз е незаобиколен кога се спомнува неодамна починатиот филмски убавец Ален Делон. Неговиот контроверзен приватен живот останува во сенката на неговите ролји во филмовите на Висконти, Џосеф Лоузи и многу други режисери, своевидните филмски диригенти. Од неговиот многуброен актерски опус, неколку филма ќе може да види и публиката во Кинотеката на Македонија.
Поврзан со Париз е и Италијанецот, врвниот глумец и убавец Марчело Мастројани, кој годинава би наполнил точно еден век. Во филмот што ќе биде проектиран, наречен „Посебен ден“ (1977), Мастројани за партнерка ја има светската дива, сега веќе речиси деведесетгодишната Италијанката Софија Лорен, која за филмот „Чочара“ (1960) го доби светски престижниот „оскар“ за најдобра актерка.
Оскаровец е и неодминливиот и почитуван, со италијанско потекло Френсис Форд Копола, секако најпознат по трилогијата „Кум“. Но тие филмови ќе изостанат овој пат, а предност ќе добие премиерната проекција на најновото остварување во негова режија и продукција, футуристичкиот еп „Мегалополис“, кој на годинашниот филмски фестивал во Кан доби неколкуминутни овации.

– Овој месец нема да изостане и циклусот на филмови на една кинематографија што заслужува да биде проследена и респектирана. Овој пат тоа е кинематографијата на Романија. Кинољубителите ќе можат да проследат неколку филма што се во фокусот на интересот на светски реномираните фестивали. Кинотеката во октомври предвидува уште два циклуса. Едниот е низата на филмови наречена „Ехофестивал на планински филмови“. Крајот на октомври е резервиран за неколку јубилејни проекции и одбележување на Светскиот ден на аудиовизуелно наследство. По тој повод ќе се потсетиме на неколку домашни документарни и долгометражни играни остварувања што годинава бележат јубилеи од своите премиери – најавуваат од Кинотеката.
Пред сѐ, тука е „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски, кој есенва „наполни“ 30 години – токму толку време е поминато откога Манчевски ја подигна раката во вис, во знак на триумф, благодарност и поздрав истовремено, покажувајќи го венецискиот „златен лав“ што го освои за својот долгометражен игран првенец, за по неколку дена премиерно да биде прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“. Пред половина век Столе Попов го сними „Оган“ (1974), а пред 45 години и „Дае“ (1979), кој беше југословенски кандидат за „оскар“ во категоријата на кратки документарни филмови. Тука ќе се потсетиме и на првенецот на Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ – „Под исто небо“ (1964), како и на „комитската“ драма „Нели ти реков“ (1984) на Стево Црвенковски. Бидејќи сите тие кинематски остварувања се наше аудиовизуелно наследство, наше национално филмско богатство. В.Д.