Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од 21 септември, во Кинотеката на Македонија започна нов циклус на филмски училници наменет за љубопитните основци што сакаат да научат што е тоа филм, како се прави филм и најпосле – самите да направат филм. Филмските училници ќе се одржуваат во текот на десетина работни саботи, од крајот на септември до почетокот на декември, во видеотеката и киносалата на Кинотеката. Координатор на целата програма е режисерот Саша Станишиќ, искусен едукатор и филмски професионалец, а на тематски посветените часови гости предавачи ќе бидат и монтажери, кинематографери, сценаристи, продуценти и филмски професионалци, кои ќе ги воведат учениците во тајните на создавањето игран филм.

Кинотеката ги реализира овие едукативни сесии во рамките на поширокиот меѓународен проект „ФилмЕд“, финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај Кинотеката и институтот „Гете“ – Скопје, како учесници од Македонија, партнерите во проектот доаѓаат од Полска, Унгарија, Чешка и од Словачка, а координатор на проектот е институтот „Гете“ од Прага. Целта е да ги промовира европскиот филм и европското филмско наследство за новата и млада публика, да создаде можности за интеракција и разбирање на филмската уметност.

Кинотеката на Македонија изминативе години има организирано филмски работилници и давала логистичка поддршка на едукативни работилници за филм (организирани од надворешни соработници). Овој пат, во рамките на проектот, искуството од филмската училница ќе биде преточено во серија снимени туторијали, кои преку веб-страницата на Кинотеката ќе бидат достапни за сите наставници што сакаат да стекнат повеќе знаење за филмот и да го вклучат и да им го пренесат, преку актуелните образовните програми, на учениците со кои работат.

Филмската училница започна оваа сабота.