Голема авторизирана изложба на Бенкси во „Си ворлд калчр енд артс центер“ во Шенжен

Центарот за култура и уметност во Шенжен, „Си ворлд калчр енд артс центер“, во своите огромни изложбени сали е домаќин на светски уметнички изложби. Се простира на површина од 73.918 квадратни метри, а е изграден во 2017 година. Обликот на зданието претставува композиција од подиум и павилјон. Скулптуралниот подиум, обложен со бел и зелен гранит, има функција на музеј, а павилјонот се состои од три конзолни структури што излегуваат кон зелен парк и кон морето, а во нив се сместени театар, ресторан и мултифункционална сала. Алуминиумските покриви создаваат отсјај што поприма различни нијанси во зависност од аголот под кој паѓа сонцето. Архитектонскиот резултат е динамична силуета на зградата, која симболизира голем бел брод закотвен на пристаниште.

Во моментов во центарот е поставена изложба на светски познатиот уметник Бенкси (чиј идентитет не ѝ е познат на светската јавност) со наслов „Бенкси е никаде“ (Banks is nowhere), a на плакатите во музејот е испишано „Бенкси сега е тука“ (Banksy is now here). Изложбата во Шенжен е отворена на 9 август и ќе трае до 16 ноември.

Ова е прва голема соло-изложба во Кина на овој влијателен уметник, кој се прослави по својата социјално ангажирана уметност, но и по својата анонимност. Бенкси ги исполнува своите дела со важни општествено-политички пораки, критикувајќи го актуелниот систем на единствен начин. Бенкси е роден некаде околу 1974 година. Се претпоставува дека потекнува од англискиот град Бристол. Во средината на 1990-тите години, тој стана препознатливо име во светот на урбаната уметност благодарение на неговиот уникатен и пред сѐ провокативен јазик.

Изложбата, која е сертифицирана од „Пест контрол офис“ (официјална институција за автентикација на делата на Бенкси), прикажува 110 дела на Бенкси, вклучувајќи 35 оригинали принтови меѓу кои е и познатиот „Девојче со балон“, како и низа инсталации, графити и ретки архивски снимки што го документираат неговиот процес на работа.

Како вистински претставник на парадоксот на анонимноста и славата, Бенкси првично станува познат со уличните графити во 1990-тите години. Користејќи ја техниката базирана на шаблон, неговите дела често се фокусираат на социјалните прашања, вклучувајќи ги климатската криза, антиконсумеризмот и добробитта на децата, изразени преку игриви или темни хумористични стилови што резонираат глобално. Тој е рангиран како најголемиот уметник во Британија и е вброен меѓу 100-те највлијателни луѓе на списанието „Тајм“. Прекршувајќи ги границите на уметноста, Бенкси ги смета градовите за огромни јавни платна, создавајќи дела на површини како што се напуштени ѕидови и улични знаци. Тој ја редефинираше „јавната природа на уметноста“ и помогна да ја издигне уличната уметност од супкултура до глобално признаена уметност.

Изложувањето на неговата улична уметност, графити-уметноста во објект како што е музејот – има цел да ги направи достапни до пошироката публика делата што публиката не може да ги види на автентичните локации. Изложбата во Шенжен е продолжение на турнејата на неговите дела од Берлин, Глазгов и од Париз. Преку оваа изложба посетителите можат да разберат како Бенкси ги деконструира општествените проблеми преку неговата непоколеблива креативна работа, безграничен талент и извонредна имагинација.