Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжи со концерт на уметници од Кина, кои на публиката ѝ приредија незаборавна ноќ. Во црквата „Света Софија“ настапија флејтистите Јуе Гуангхуи и Веи Ванг, пијанистката Хоу Јуан, како и лирската мецосопранистка Аи Ву. На репертоарот беа дела од кинески и француски композитори: Габриел Форе, Морис Равел, Камиј Сен-Санс, Филип Гобер, Клод Дебиси, Жорж Енеску, Франсоа Доплер, Жорж Бизе/Ф. Борне, Венченг Лу, Жонгронг Луо, Јонџин Ванг и Ге Тиан. Кинеските уметници со внимателно избраниот репертоар и со своето музицирање создадоа посебна емоција за фестивалската публика.
Флејтистката Јуе Гуангхуи започнува да учи пијано на четиригодишна возраст, а на десетгодишна возраст се префрла на изучување на инструментот флејта. Во моментот сè уште е ученичка во Гимназијата за талентирани ученици при програмата на Музичкиот конзерваториум во Шангај, во класата на проф. Парк Ми-Хјанг. Веи Ванг дипломира на одделот за флејта на Централниот музички конзерваториум во Пекинг. Во 2000 година се закитува со прва награда на Националниот кинески натпревар за флејтисти и потоа станува член на Кинескиот национален симфониски оркестар.
– Многу се радувам што свирам тука, првпат на овој фестивал, и тоа на Кинеска вечер. Свиревме кинески и француски дела бидејќи живеам веќе 22 години во Париз каде што сум професор. Акустиката во црквата „Света Софија“ е преубава, а исто така имате и прекрасно езеро во Охрид – рече флејтистот Ванг, кој е чест гостин предавач на конзерваториумите и универзитетите во Кина.
Веи Ванг од 2019 година е професор на академијата „Рахманинов“ во Париз, а одржува и голем број мајсторски курсеви по флејта. Аи Ву е лирска мецосопранистка која живее и работи во Франција. Дипломира и магистрира на Шангајскиот конзерваториум, а потоа со највисоки оценки се стекнува со висока диплома од Високата школа за музика на Парискиот конзерваториум, каде што студира во класата на проф. Изабел Грасизанц. Пијанистката Хоу Јуан во 2002 година заминува во Франција, каде што студира со француските пијанисти и педагози Франсоа Буфе и Винсен Кок.