Свеченото отворање на годинашното издание на фестивалот „Киненова“ беше во знакот на македонскиот филм. Филмот во исто време е дел од главната натпреварувачка програма.
– Оваа година повторно сите светла ќе ги впериме во македонската филмска продукција и недвосмислено ќе придонесеме кон афирмација и меѓународна промоција на македонскиот филм. Годинашното фестивалско издание на „Киненова“ ќе биде отворено со првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на нашиот посветен режисер Гоце Цветановски – вели Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.
Јон е потпросечно интелигентен човек од Земјата. Зарк е нарцисоиден мегаломан – робот што патува низ вселената и собира примероци за својата интергалактичка зоолошка градина. Кога двајцата ќе се спојат, нормално е да настане хаос. Двајцата ќе мора да ги здружат силите за да го заштитат најопасното оружје во Галаксијата за да не падне во погрешни раце. Необичното дуо ќе тргне на вселенско патување исполнето со вонземјани, чудовишта, црни дупки и можен крај на севкупната егзистенција. Научнофантастичната пародија со балкански шмек со суперјунакот Јон Вардар е интергалактичка комедија за целото семејство.
Улогите ги играат: Жарко Димоски, Дамјан Цветановски, Емилија Мицевска.
Се работи за анимирана интергалактичка авантура, која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа, како и луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија, која нема да можете да ја заборавите никогаш.
Гоце Цветановски е македонски наградуван режисер и продуцент. „Јон Вардар против Галаксијата“, неговиот втор филм, е првиот долгометражен анимиран филм во Македонија и најголемиот копродукциски проект за анимација на Балканот во кој учествуваат: Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска.