Објавен првиот том од првиот „Македонски етимолошки речник“
Во Институтот за македонски јазик беше промовиран првиот том од „Македонскиот етимолошки речник“, кој има 650 страници, со импозантен број на обработени одредници, вкупно 2.351 одредница.
– Во време на премногу очигледно преместување на хуманистичките науки на периферијата на научниот и општествениот живот, не само кај нас туку и во светски рамки, изгледа исклучително значајно – истакна авторот на овој речник, проф. Гоце Цветановски.
Во „Македонскиот етимолошки речник“ за првпат може да се видат и етимолошките толкувања на некои зборови што во ниеден друг речник, ниту во бугарскиот, ниту во српскиот, ниту во кој било словенски или балкански, не се толкувани. Со ова капитално дело, македонскиот јазик и народ веќе нема да бидат вбројувани во јазиците и народите што немаат свој етимолошки речник.
– Етиолошкиот речник е врв на целокупното знаење. Таму се отсликува историјата на еден јазик и на еден народ, таму се отсликува културолошката дефинираност на народот, таму се отсликуваат позајмувањата, односно определени историски периоди во кои некој јазик бил со престиж, па и тоа се огледува преку лексиката. И во крајна линија етимологијата како наука, која нема микроскоп да ги истражува и најситните детали, тоа мора да го прави човекот – вели Цветановски, научен советник и автор на Речникот.
Неколку години беше само проект на Институтот за македонски јазик, оваа 2025 година е прифатен од Министерството за образование и наука за национален проект и финансирањето од оваа година целосно го презеде МОН.
– За да дојдеме до овој речник, колегата Гоце Цветановски организираше работа на еден поголем тим што работи на оној поголем тезаурусен речник – рече проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Рецензенти на овој значаен труд се научниот истражувач и долгогодишен претседател на Етимолошката комисија при Меѓународниот славистички комитет д-р Николај Антропов и академик Марјан Марковиќ.
































