Со концертот насловен „Квинтесенца“ триото „Анимато“ годинава ќе го прослави малиот, но значаен јубилеј од своето формирање – 5 години концертно делување. Во овој специфичен камерен состав членуваат м-р Светлана Димитриевска (пијано), м-р Даниела Неделковска (флејта) и м-р Симона Марочковска Манојловска (флејта), професорки во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Скопје.
Концертот ќе се одржи на 12 мај 2025 година, во Даут Пашин Амам, во 19 часот, а на програмата се дела од Франц Доплер, Трајко Прокопиев, Алексеј Шор и Бете Илин.
-Камерната музика претставува еден од најсуптилните и најинтимни облици на музичко изразување. За изведувачите камерната музика е непроценливо искуство бидејќи ја развива способноста за слушање, прилагодување и изразување. Наместо да следат диригент, музичарите се потпираат еден на друг, создавајќи динамична, жива интерпретација. За публиката, пак, камерната музика нуди длабоко емотивно доживување, со можност да се почувствува секој звук и нијанса на израз – вели м-р Димитриевска.

„Анимато“ е член на СМУМ.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.