Камерниот оркестар на Битола заслужи да биде институционализиран и да добие статус на национална установа, изјави вечерва министерката во Министерството за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во пресрет на вечерашниот новогодишен концерт, насловен „Виена во Битола“, министерката Костадиновска-Стојчевска нагласи дека уметниците ја заслужиле одлуката на Министерството за култура, и тоа ќе се потврди како позитивен епилог во иднина.
– Големите работи кои што и се случуваат на Битола заслужуваат да се слават и не смеат во ниту една околност да се ставаат во негативен контекст. Камерниот оркестар на Битола заслужува да биде институционализиран и да добие статус на национална установа, бидејќи овие музичари покажаа и докажаа дека заслужуваат многу повеќе. Колку и да се обидуваат одредени поединци одлуката да ја стават во негативен контекст, сепак овој Камерен оркестар и ваквите настани во иднина ќе имаат позитивен епилог – изјави Костадиновска-Стојчевска.
Како што е познато, со одлука на Владата, а на предлог на Министерството за култура за нови национални установи се формираат Камерен оркестар на Битола, Музички театар-Тетово и Меморијален Музеј во село Смилево, Демирхисарско.