За мене, како впрочем и за повеќето од нас, поважна е потрагата, отколку наоѓањето на конечни одговори. Бидејќи доколку ги најдеме, тоа е крајот. Затоа некои прашања треба да останат неодговорени, вели Стефансон
Исландскиот писател Јон Калман Стефансон (60), еден од најоригиналните и најнаградувани современи европски автори, е еден од почесните гости на фестивалот „Букстар 2024“, а синоќа му беше доделена традиционалната, истоимена награда за трилогијата „Помеѓу рајот и пеколот“, „Солзите на ангелите“ и „Срцето на човекот“, што ја издаде „Антолог“ на македонски јазик.
Според критичарите, тајната на неговиот успех е во тоа што кариерата ја почнал како поет: напишал пет збирки поезија пред да почне да пишува романи. Да се пронајде нов начин нешто да раскажете воопшто не е лесна задача, а оригиналноста на Стефансон е да го одбележува „здивот на поезијата во прозата“, комбинација која му помогна да развие свој, богат и оригинален книжевен свет.
Трилогијата што го прослави, преведена на повеќе од 30 светски јазици. ја напишал по, како што вели, „два прилично лоши романи“, што ги отфрлил, а потоа одлучил да си даде самиот уште една шанса: „Почнав да пишувам кратка приказна, и пред да станам свесен што се случува, четири години подоцна, ја довршив трологијата“, ќе рече тој за создавањето на своето најзначајно дело.
Стефансон пристигна во Скопје по редица книжевни настани во различни делови на светот, меѓу кои и големиот Интернационален фестивал на книгата во Будимпешта, Унгарија, каде што беше главен почесен, гостин.
Честитки за добиената награда „Букстар“, која е последна во вашата богата колекција на признанија, но прва што ја добивате во Македонија. Дали сите тие награди се знак дека постојано се зголемува бројот на вашите читатели и оти сте на вистинската професионална патека?
– Секако, добивањето награда е голема чест и задоволство. Пишувањето е желба да се допре до луѓето, да се предизвика нивното љубопитство и барем малку да се смени нивниот светоглед. Фактот што моите книги се преведени на над 30 јазици е доказ дека сѐ се одвива како што треба, засега.
Какви се вашите импресии од Скопје, од Македонија?
– Првпат сум во Скопје, успеав само да се прошетам низ центарот на градот, кој е многу убав. Имав пријатно чувство додека шетав покрај реката Вардар, на кејот. Се надевам деновиве ќе соберам уште убави мигови, искуства и спомени.
Нашите две држави се многу слични, Исланд и Македонија се мали земји, но со богата историја, која од генерација на генерација со пренесува преку митови, легенди. Вие сте изолирани како остров, а ние од политички причини…
– Да, за жал вашата приказна е многу комплицирана, опколени сте со држави кои не се баш пријателски настроени кон вас, но тоа е нивни проблем. Вашата земја постои со векови, еве јас сум тука и ние разговараме. Јас ви ја потпишав мојата книга преведена на македонски јазик, тоа се факти.
Имате богато животно искуство, пред да почнете да живеете од пишувањето сте работеле сѐ и сешто. Колку сето тоа ве смени како личност, ги најдовте ли вистинските одговори?
– И да и не. Најискрениот одговор би бил дека јас сѐ уште ги барам вистинските одговори. Всушност јас пишувам за да допрам до нив, до суштината. Се обидувам да го разберам животот, светот околу мене, но и да влијаам барем на некој начин на него. Но за мене, како впрочем и за повеќето од нас, поважна е потрагата, отколку наоѓањето на конечни одговори. Бидејќи доколку ги најдеме, тоа е крајот. Затоа некои прашања треба да останат неодговорени.
Ја почнавте кариерата како поет, со издадени пет збирки, а потоа напишавте 13 новели. Дали поезијата и прозата се сѐ уште заедно во вашите книги?
– Знаете што, некои велат дека јас сум поет што пишува новели, а понекогаш тоа е обратно, јас сум новелист што пишува поеми.
Дали уживате во придобивката, слободно како писател да пишувате за сѐ што ќе посакате, да кажете сѐ што мислите?
– Како жител на северна Европа, јас навистина ја чувствувам таа слобода на говорот. Тоа за мене како автор е многу важно. Еве, сега доаѓам од Унгарија, каде што состојбата е малку поинаква. Но затоа треба постојано интелектуалците гласно да зборуваат, да не молчат, за да може нешто да се смени на подобро.
Можеби ќе ја споменете Македонија во една од вашите наредни книги?
– Јас никогаш не знам што е следното што ќе го напишам, но секое место во кое доаѓам, секој град и држава, влијаат на мене на многу начини. Затоа, кој знае, можеби на следното мое креативно патување и Македонија ќе патува со мене.