Современото општество бездруго носи многубројни предизвици, но без познавањето на корените не можеме да полетаме високо, изјавува Танески
Звонко Танески, македонист
Звонко Танески е македонски поет, книжевен критичар, универзитетски професор, научник и преведувач. Професор е на Катедрата за словенски филологии на Филозофскиот факултет во Нитра и околу дваесет години ја гради својата професионална кариера на релацијата Македонија-Словачка. Неговото академско и литературно опкружување го поставува како значајна фигура во афирмирањето на македонскиот јазик и култура, особено во контекстот на Денот на азбукатa, Денот на македонскиот јазик и на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик – 5 мај.
Што значи за Вас лично Денот на азбуката, на македонскиот јазик и како го доживувате неговото значење во контекстот на современото општество?
Прославата на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик претставува заслужено објективизирање на значајниот јубилеј за македонската наука за јазикот, но и за славистиката воопшто. Тоа е ден кога треба посебно и достоинствено да се потсетиме на достигнувањата на нашите предци, бидејќи мудриот народ секогаш ја чува и им ја пренесува богатата традиција и на новите современи генерации. Затоа, да учиме од направеното и да влечеме важни поуки што ќе ни бидат сигурно потребни и за иднината. Драго ми е што токму денес и симболично за Вашиот весник го зборувам ова, бидејќи азбуката е донесена на 3 мај 1945 година, кога наедно се вовел и правописот на македонскиот јазик. Владата ја прифатила азбуката на 5 мај 1945 година и прогласот бил објавен во весникот „Нова Македонија“, со оглед на тоа што во тој период весникот се користел и за владини акти. Современото општество бездруго носи многубројни предизвици, но без познавањето на корените не можеме да полетаме високо.
Колку, според Вас, македонската кирилица денес успева да опстане како културен и идентитетски симбол кај помладите генерации и што е потребно за нејзино активно негување?
Македонската кирилица е стандардно и уникатно писмо со свои препознатливи специфики, признаени и потврдени и на домашен и на меѓународен план. Во динамичниот вител на глобализираниот свет, на македонската кирилицата не ѝ е лесно да опстои во портфолијата на помладите генерации. Некои општи процеси не можеме да ги запреме, приватното општење и на социјалните мрежи и во рекламната индустрија првенствено и натаму ќе ја претпочита латиницата (од различни прагматични причини), но она што можеме да го коригираме е доследното почитување на Законот за употребата на македонскиот јазик и неговата примена, барем во службената и во јавната комуникација во нашето модерно општество, затоа што негувањето на својот јазик на крајот на краиштата претставува и визит-карта за нас самите, а степенот на неговото владеење е показател колку сме интелектуално зрели да се носиме со дострелите на сопствениот идентитет.
Како го доживувате придонесот на македонската кирилица во рамките на поширокото словенско културно наследство?
Македонската кирилица, секако, има рамноправен статус во семејството на словенските јазици, а нејзината форма и структура, пред сè, се споредувани со кириличните писма на некои од преостанатите словенски народи, ама погледнато дијахрониски и во развојно содејство со постулатите на старословенскиот јазик. Меѓутоа, за волја на вистината, ми се чини дека денес веќе не се важечки преродбенските идеи од типот на „словенското заедништво“, секој словенски народ мора самиот да се потруди да вложува во презентацијата и афирмацијата на своите вредности во светот, онолку колку што смета дека е тоа за него потребно. А, потребно е, бидејќи тоа е и неизбежно за зајакнувањето на неговите идентитетски определби, бидејќи најдобро се препознаваме во интеракцијата со другите. И ако самите не сме свесни дека треба да го почитуваме, да го поддржуваме и да го развиваме своето, тогаш нема веќе да доживееме ниту многу признанија од другите.
Каков е интересот на словачките студенти за македонскиот јазик и култура? Дали постои позитивен тренд и во кои сегменти најмногу се пројавува нивната љубопитност?
Интересот за студирање на т.н. мали словенски јазици, за жал, е опаднат во европски рамки, а тоа зависи и од малиот пласман на пазарот на трудот. Едноставно, словенските јазици не се денес многу профитабилни, кажано со економски вокабулар, ама исклучоците речиси секогаш го потврдуваат правилото, па љубопитството на некои избрани исклучителни студенти треба да се поттикнува и да се искористи многустрано – и преку промоцијата на книжевни, културолошки, туристички сегменти и сл. Интересот на словачките студенти варираше во годиниве зад нас (и за тоа влијаеја повеќе фактори), но сакам да верувам дека од следнава академска година ќе се стабилизира и ќе оди само во нагорна насока со оглед на тоа што предметот повторно влезе во академската понуда на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра и во новите студиски програми.
Како гледате Вие на улогата на дијаспората и странските универзитети во зачувувањето и афирмацијата на македонската писменост?
Таквата улога е мошне значајна и резултатите секогаш треба да се согледуваат во долгорочна перспектива. Присуството на македонистиката на странските универзитети неретко значи и препорачлива истрајност во напорите да ја раскажеме својата приказна, да бидеме сослушани и примени како рамноправен партнер во меѓународните проекти во кои треба нужно да партиципираме.
Може ли да споделите некои конкретни резултати или постигнувања од Вашата работа на Катедрата за словенски филологии во Братислава?
Мојот ангажман на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава беше првично како докторанд по современа словачка книжевност во периодот од 2004 до 2007 година. Во тој период го издадов и првиот Македонско-словачки прирачник за конверзација (во секоја ситуација и за секого), а беа направени и две изложби во рамките на манифестацијата „Академија Славика“. Потоа во периодот од 2015 до 2022 година предавав таму, меѓу другото, и изборни предмети од областа на македонскиот јазик, македонскиот филм, како и предметот Факти за Македонија. Во тој период беше објавен и првиот Словачко-македонски речник (во соавторство со професорите Гоце Цветановски и Љупчо Митревски од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје), како и моите научни монографии „Просторите на текстот“ (2015), „Славистички синтези“ (2018), „Поетика на дислокацијата (2021)“ и „Книжевни крстопати – сведоштва од меѓукултурниот дијалог“ (2023), во која разработувам значајни споредбени македонско-словачки книжевни, јазични и културни теми. Во истиот период објавив и поголем број студии во списанија со фактор на влијание, кои ја промовираат и македонистиката и го рашируваат нејзиниот хоризонт меѓу широката публика во словачкиот културен ареал. Сетне, минатата година на Филозофскиот факултет во Братислава го издадов во соавторство со колегата Игор Станојоски и првиот официјален учебник по македонски јазик за Словаци (за рамниште А1 и А2), кој беше поддржан и последователно промовиран и во македонската амбасада во Братислава.
Спомнавте дека Ваша најголема желба Ви е да заживеат студиите по македонски јазик во Нитра, како и македонската држава официјално да го поддржи отворањето на Лекторатот по македонски јазик… Од каква важност е тоа за македонистиката во Нитра, но и за Вас лично?
Нитра е кирилометодиевскиот центар во Словачка, ја негува великоморавската традиција и во тој контекст правично и нетенденциозно го толкува словенското наследство, затоа ни е и наклонета и редовно гледа со симпатии кон професионалната соработка со македонската академска фела. За тоа постојат и многубројни потврди за реализирани заемни зборници со научни трудови од билатерални конференции, студиски престои и размени и непорекливи докази дека македонистиката може повторно да заживее во академската заедница токму тука. Лани Универзитетот во Нитра се вклучи како единствен словачки универзитетски партнер и во меѓународната ЦЕПУС-мрежа за македонистички студии, па словачките студенти веќе ги користат бенефициите од таквата придобивка и привилегија. Во Нитра, прифаќањето на македонистиката е искрено и нема кој и зошто да создава пречки за нејзиниот натамошен развој. Меѓутоа, официјалната поддршка од македонска страна, се разбира, ќе ги даде и очекуваната институционална тежина и потврда на работните ангажмани, ќе претставува и мотивација да се издржи понатаму на патот, кој е напати полн со кривини и стрмнини, ама со сложни сили и со зацртана стратегија, сепак, најпосле се успева и задоволството ќе биде големо.
Кои се Вашите следни заложби кога станува збор за македонистиката?
Моментално работам на неколку книжевни преводи, но подетално своите лични заложби, како и можностите и перспективите на македонистиката во Словачка ќе ги елаборирам во својот реферат, кој треба да го претставам на 7 мај на јубилејната конференција на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Таму ќе настапи наедно и една постара словачка колешка – лингвистка од Универзитетот во Нитра, која ќе говори за значењето на споменатиот учебник по македонски јазик за Словаци во практиката. Значи, добредојдени сте и таму и се радувам на средбата.
Каква порака би испратиле по повод Денот на азбуката и Денот на македонскиот јазик до македонската јавност, академската заедница и институциите, кои треба да го чуваат и унапредуваат јазикот?
Јазикот е огледало за самите нас и по него нè препознаваат во светот (и пријателите и непријателите), затоа да бидеме благодарни, грижливи, никогаш да не станеме рамнодушни, секогаш да се потрудиме да направиме и повеќе и подобро.