- Во филмот е вклучена голема актерска екипа составена од врвни македонски актерски имиња, но и од успешни и талентирани актери од помладите генерации. Дел од екипата се Нина Деан, Ирена Трајковска, Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Бајрам Севеерџан, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Жаклина Стефковска, Благоја Чоревски… Улогите на сестрата Тина и нејзиниот брат Борис, ги толкуваат младите актери Јана Никодиновска и Гоце Андонов со кои разговаравме.
Овој вторник, на 19 ноември, од 20 часот во Скопје, премиерно ќе биде прикажан филмот „Утре наутро“ по сценарио и во режија на Јани Бојаџи.
Станува збор за политичка драма во која се опсервирани луѓето кои ги носат одлуките и последиците од тие одлуки со кои се соочува целото општество. Филмот се темели на вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година, опфаќајќи и акцентирајќи го и 27 април 2017 година кога се случи упад во Собранието на Македонија, настан кој е познат и како „крвав четврток“.

„Утре наутро“ е базиран врз вистинити настани
Накратко, две жени, млад лекар и сопруга на поранешен премиер, се обидуваат да избегаат од стегите на американската влада и европските дипломати, кои ја играат својата игра на моќ и тортура во една мала земја во источна Европа.
На пресконференцијата по повод премиерата на филмот, Јани Бојаџи подвлече дека центар на „Утре наутро“ се актерите и нивната човечност.
– Имав бескрајна среќа во филмот да имам актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме седумдесет и пет дена и навистина беше исклучително задоволство да бидеме заедно- рече Бојаџи.
Во филмот е вклучена голема актерска екипа составена од врвни македонски актерски имиња, но и од успешни и талентирани актери од помладите генерации. Дел од екипата се Нина Деан, Ирена Трајковска, Кети Дончевска Илиќ, Васил Зафирчев, Горан Стојаноски, Бајрам Севеерџан, Владо Јовановски, Александар Микиќ, Жаклина Стефковска, Благоја Чоревски…

Улогите на сестрата Тина и нејзиниот брат Борис, ги толкуваат младите актери Јана Никодиновска и Гоце Андонов.
Иако неодамна дипломира, фелата веќе го истакнува актерот Гоце Андонов како талентиран актер, а зборови на пофалба упати и режисерот Бојаџи за неговата улога во филмот.
– Секако дека ми значат многу таквите изјави, благодарен сум на пофалбите , особено од страна на Јани, но уште повеќе ми значи довербата што ми ја даде тој уште од почетокот на целиот процес. Добрите насоки, водењето низ приказната, како и слободата што ми ја даде е нешто што многу го ценам – вели Андонов.
Веста дека сум избрана на кастингот, ме затекна во автобус
Јана Никодиновска зад себе има веќе неколку филмски улоги, но вели дека снимањето на „Утре наутро“ било посебно искуство за неа.
.
– Иако не ми беше прва улога, овој проект ми помогна подобро да разберам колку е важна тимската работа и трпението на сет. Научив како да бидам посигурна пред камера и да ги слушам советите од Јани и многу поискусните актери – вели Никодиновска.
Таа раскажа дека за улогата во филмот е избрана на кастинг на кој се пријавиле уште 5-6 актерки. Според Никодиновска, кастинзите се одвивале во опуштена атмосфера и во ниеден момент не почувствувала страв или трема. Откри и дека, веста дека е избрана за улогата ја добила додека се возела во автобус, па не можела соодветно да изреагира односно во целост да ја искаже својата радост.
Никодиновска, како особено драгоцено искуство ја истакнува можноста, благодарение на овој филм да работи со познати и признати македонски актерски имиња.
– Соработував со актери кои додека растев ми биле идоли. Можете ли да го замислите чувството кое го имав?. Од сите актери ја имав максималната поддршка на сет и надвор од сет, кога имав трема, кога ќе го заборавев текстот, и кога едноставно ми требаше помош за да ја разберам сцената. Многу научив гледајќи ги и слушајќи ги нивните совети. Им благодарам на сите, целата екипа а осебно големо благодарам на Нина Деан која што во секој момент беше до мене – раскажа Јана Никодиновска.

Начинот на кој Борис се бори за правдата, сѐ повеќе добива смисла
Борис, ликот кој го толкува Андонов, во еден момент во филмот, решава да ја земе правдата во свои раце. Актерот Андонов пронаоѓа сличности меѓу неговиот карактер и карактерот на ликот што го толкува и оправдува некои постапки на Борис.
– Дипломат сум по природа бидејки моите околности и приватни ситуации се помалку екстремни од тие на Борис, иако како што поминуваат годините, се случува животот со сите негови индивидуални и колективни неправди, сѐ повеќе и повеќе Борисовото земање на правда во свои раце ми има смисла. Имаме доста сличности во темпераментот, да им даваме хумористична нота на случувањата, потискањето по цена на мирот и импулсивното избувнување што доаѓа по цена на тоа, најчесто во најлошите моменти – вели актерот Гоце Андонов.
Тој вели дека за него претставувало предизвик да навлезе во улогата што ја толкува, но имал доволно време да направи анализа на ликот, да го исчита неколу пати целото сценарио и да ја сфати функцијата на ликот во целата приказна.
– Имав време да ги сфатам мотивите зад постапките, кои му се стравовите, реакциите, начините на одбегнување, љубовта кон книгите ( тоа многу ми помогна бидејки нечија омилена книга кажува многу за еден човек). Низ снимањето, импровизациите, и односите кои ги градевме со колешките Нина и Јана, сите разговарани работи ставени пред свршен чин, се редефинираа и добија сосема нова боја. Сетот беше жив, динамичен и честопати се адаптиравме на било какви надворешни околности – раскажува Андонов.

Покрај помошта од страна на режисерот Бојаџи, во креирањето на ликот на Борис, на актерот Гоце Андонов многу му помогнала и неговата родена сестра.
– Околу возрасната разлика што ја имам со ликот, многу ми помогна и мојата сестра Александра, која во периодот на снимањето беше средношколка и ме доближи до тоа што значи да си тинејџер денес. Често се случува пред кастинзи и процеси заедно да го учиме текстот, нејзе ѝ е интересно и секогаш ужива, а и јас исто така – раскажува Андонов.

Тина е многу побунтовна од мене
Заради семејната атмосфера во која живее, Тина, ликот кој го толкува актерката Јана Никодиновска, таа порано созрева и емоционално и интелектурално, а сепак преку дискурсто на дете ги разбира работите на свој начин. Откако нејзиниот татко е отстранет од власт, таа ги доживува сите лаги, мимикрија и зло што нејзините врсници и наставници ги истураат врз нив како деца на поранешни влијателни политичари.
– Тина е една тинејџерка која е остра на јазик, која е спремна да се бори за правдата и која си зела за задача да го чува брат ѝ Борис. Можам да кажам дека во некои моменти ја има Тина во мене, но таа е многу по бунтовна кога станува збор за решавање на некој проблем – раскажува Јана.
Покрај другото, ова снимање на филмот „Утре наутро“ и помогнало на Никодиновска да сфати дека најубаво се чувствува кога е на сет и дека не може да се замисли себе си да биде нешто друго, освен актерка.
Со оглед на тоа што актерите Јана и Гоце имаат чести дијалози во филмот, важна е меѓусебната помош и разбирање која влијае врз градењето на ликовите. Гоце Андонов, потврди дека добрата соработка со неговата колешка Јана, вродила со плод.
– Имавме многу добра соработка,а и приватно развивме братско-сестрински однос, па блиски сме и ден денес. Интересно беше дека со Јана уште од почетокот на снимањето лесно се разбиравме и секогаш многу се смеевме. Сетот не би бил ист без неа – вели Андонов.
Фимската уметност има извонредна моќ да влијае врз луѓето и врз општеството во целост од емотивен, когнитивен и културен аспект. Андонов смета дека таа моќ ја има и филмот „Утре наутро“
– Мислам дека овој филм може да донесе промени во погледите и ставовите на луѓето бидејки опфаќа широк спектар на теми и проблеми., Но, сепак останува да видиме какви ќе бидат реакциите по премиерата на 19 ноември. Најмеродавната оцена за филмот, како и секогаш, ќе ја даде публиката – завршува Андонов.
Освен долгометражниот филм „Утре наутро“ кој во вторник ќе ја има својата премиера, подготвена е и истоимена телевизиска серија во неколку епизоди.

































