Промовиран романот „Што се случи со Исидора?“

По романтичната фаза и популарните книги „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ и тин-серијалот „Јас сум Миа“, авторката Јана Мишо го напиша својот прв психолошки готски роман „Што се случи со Исидора?“. Книгата, која е во издание на „Арс ламина – публикации“, беше промовирана деновиве.
Промоторката на книгата, уредничката Татјана Димовска-Атанасова, истакна дека „во романот паралелно со креирањето морничава атмосфера, Мишо ткае пајажина на комплексни семејни односи, тајни, мистерии во која Исидора сè подлабоко се вплеткува до степен да не разликува што е реално, а што не“.

– Во тој расчекор, со последните атоми на здравиот разум се обидува да сфати дали Ноемија е немајка каква што ниту едно дете не заслужува или, пак, мајка каква што секој би посакал да има. Но што е најстрашно во приказната за две сестри вовлечени во лавиринтите на темнината и стравот, заробени во готска опатија во која духот од нивната мајка е поприсутен од кога било? „Лудата памет“, мудро заклучува Мишо, затоа што никој на овој свет не може да избега од лудата памет. Одговорот на прашањето што се случи со Исидора – ќе мора да го најдете сами и ве предупредувам, нема да ви оди лесно, ниту, пак, ќе успеете да го насетите, што е одлика на најдобрите пишувачи на жанрот трилер – истакна Димовска-Атанасова.
Авторката дополни дека отсекогаш знаела дека ќе напише готски роман како „Што се случи со Исидора?“.

– Тој вкус и естетика ги имам изградено уште од многу мала, така што може да се каже дека конечно си дојдов на свое, си „влегов“ во жанрот… Инспирацијата за романотдатира (веројатно потсвесно) од раните 1990-ти години, кога бев мала. Всушност, неодамна ми текна на една вечер, кога со мајка ми на телевизија го начекавме познатиот психолошки трилер „Што се случи со Бејби Џејн?“. Ги изгледавме оригиналот и римејкот. Бев фасцинирана од приказната – рече авторката Мишо на настанот, кој беше во мрачен и во готски стил, како сцена од романот.
Како и во филмот „Што се случи со Бејби Џејн?“, кој бил иницијална инспирација, така и во приказната на книгата „Што се случи со Исидора?“ едни од главните ликови се две сестри… Романот почнува по смртта на екстравагантната авторка Ноемија Нера…
Ликот на мајката Ноемија за авторката бил најинтересен за истражување и пишување.
– Уште од почетокот знаев дека целата приказна и дејство ќе се движат околу мајката Ноемија. Иако таа не е присутна, сепак многу е застапена со нејзиното влијание врз животот на нејзините ќерки. Исидора е главниот лик, но сè потекнува од мајка ѝ. Без разлика што е почината, ја има преку сеќавање, преку нејзиниот дневник… Многу ми беше важно да ги претставам нејзините размислувања, декаденција…, дури би напишала и расказ за да ја доистражам и претставам како лик… Инаку, при пишувањето на романот правев и други истражувања. Бидејќи станува збор за психолошки трилер, се консултирав и со психолог, за да бидам сигурна дека случувањата се реални, дека описите и состојбите се можни. Целта ми беше да напишам приказна што до самиот крај ќе биде неизвесна, да оставам траги, но да не откријам пред време што ќе се случи. Сакав да направам тензична атмосфера и да не откривам детали. Во голем дел од пишувањето на приказната и јас не бев сигурна што ќе се случи на крајот. Донекаде дознавав за романот и Исидора заедно со читателот – рече Мишо.