Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, вечерва, со почеток во 20 часот. Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценографка и костимографка е Софија Шнајдер (Германија), кореографка: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон ќе настапи Благој Нацоски, во улогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, во другите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“, изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми низ светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови, кои зборуваат за универзалноста на човековата природа, ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.