Изложбата „Врбјанска Чука: зрно по зрно, погача“ е поставена во Заводот и музеј – Прилеп. Поставката е резултат на долгогодишната соработка меѓу Заводот и музеј – Прилеп и Центарот за истражување на предисторијата, која беше насочена на проучување на овој извонреден археолошки локалитет во Пелагонија.
На изложбата се претставени најновите резултати од мултидисциплинарните истражувања со повеќе македонски и европски институции, кои дадоа сосема ново видување на овој мошне значаен локалитет за македонската и светската археологија. Тие ќе бидат изложени заедно со прекрасните артефакти откриени од целокупното проучување на Врбјанска Чука, со што, покрај научните сознанија, ќе бидат истакнати уметничките и техничките достигнувања на едни од првите земјоделци во Македонија.
Ова е доста интересна изложба преку која се сведочи за убавините на секојдневниот и духовниот живот на населението што живеело на Врбјанска Чука пред 8.000 години. Ка.М.